Слабостите вели дека се значително намалени со минатогодишните изменувања и дополнувања на Законот за управување со кризи, а дел со изменувањата и дополнувањата на Законот за заштита и спасување од јуни годинава

Слабостите на системот за управување со кризи, заштита и спасување на кои укажува државниот ревизор делумно се намалени, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, како реакција на денешниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), во кој е направена анализа на темата „Градење на систем за управување со кризи, заштита и спасување преку инвестиции во опрема и ресурси, одржување на средства со цел да се зголеми оперативноста, ефикасноста и ефективноста“.
Ревизорите нотираат слабости во стратешкото планирање, координацијата и управувањето со ресурсите, недоволните човечки и материјални капацитети и ограничено инвсетирање во модернизација и нова опрема за службите што го соочинуваат системот за цивилна заштита.
Ангелов вели дека на истите слабости укажувал и како директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), но и сега како директор на ДЗС.
Сепак, вели Ангелов, дел од овие слабости значително се намалени со минатогодишните изменувања и дополнувања на Законот за управување со кризи, а дел со изменувањата и дополнувањата на Законот за заштита и спасување од јуни годинава.
Ова лето вели дека е значително подобрена состојбата во делот на ресурсите додавајќи оти „ертракторите“ биле сервисирани и ставени во функција пред стартот на сезоната на пожари, што изминатите години не било случај.
Исто така, Ангелов вели дека е зголемен бројот на противпожарни возила и со специјалните возила на ДЗС – 23 „пинцгауери“, 15 БТР и пет „хермелини“ што се пренаменети во противпожарни возила.
„Во делот на унифицирано командување со силите за заштита и спасување е направен значаен исчекор со додавање на нов став 5 во член 108 – во акции кои бараат итна интервенција републичките сили за заштита и спасување се ангажираат со одлука на директорот на Дирекцијата“,
додава Ангелов во писмената реакција.
Со ваквата измена вели дека се прескокнуваат сите претходни бирократски усложнувања и успорувања во итни ситуации.
Голем придонес ова лето вели дека имало и со поголемиот број ангажирани доброволни пожарникари преку Тимовите за брз одговор на ДЗС, со што била избегната потребата од поддршка на операциите на гаснење комплексни пожари со припадници на Полицијата и на Армијата.
Тој потсетува и оти ова лето земјава немала потреба од барање меѓународна помош за гаснење пожари, туку по првпат од постоењето, ДЗС во Европскиот механизам за заштита и спасување декларирала два „ертрактора“ за помош на други земји.
„И покрај постоечките слабости и недостатоци, ова лето Македонија најуспешно досега се справи со пожарите на отворен простор. Реформите на Системот за управување со кризи, заштита и спасување продолжуваат понатаму во насока на создавање една единствена институција која ќе ги обедини функциите на ЦУК и ДЗС“,
вели Ангелов.
Инаку, според ревизијата, од нормативен аспект, односно закони кои ја уредуваат оваа проблематика во државата не недостасуваат. Тие се воспоставени. Но и покрај тоа, системот за заштита и спасување не функционира како интегриран и ефикасен механизам за превенција, подготвеност, навремен одговор и справување со катастрофи.
Слабостите и потребата од реформи во системот за заштита и спасување, како што е нотирано, се констатирани уште пред осум години, со скринингот спроведен од Европската Унија (ЕУ), преку Европскиот механизам за цивилна заштита во 2018. Но, според извештајот, до денот на ревизијата, иако имало и биле преземени повеќе иницијативи, потребните реформи не се спроведени.
