Од МВР велат дека продолжуваат со зајакнатите сообраќајни контроли за навремено откривање и санкционирање на прекршувањата на прописите, спречување на сообраќајните незгоди и заштита на човечките животи
Во периодот од мај до август годинава, полициските службеници констатирале 10 411 прекршоци, од кои 1 571 се однесуваат на електрични тротинети, 34 на велосипеди, а 8 806 на мопеди, мотоцикли и трицикли.
Најголем дел од прекрошоците – 7 303 се за неносење кацига, а 718 казни биле и за возење на несоодветна површина. За управување нерегистрирани возила или без полиса за осигурување имало 401 прекршок, а 322 биле за некористење рефлектирачки елек.

Во соопштението од Министерството за внатрешни работи (МВР) се наведува дека биле евидентирани и 81 прекршок за управување од лице помладо од 18 години, 45 за управување под дејство на алкохол и 1 541 прекршок од друг вид.
Покрај прекршоците, во текот на акциските контроли биле откриени и 619 кривични дела. Од нив, 604 се однесуваат на управување без возачка дозвола, 14 на управување под дејство на алкохол и едно на управување во забранет правец.
Во рамките на преземените мерки, одземени се вкупно 423 превозни средства, од кои 20 електрични тротинети и 403 мопеди, мотоцикли и трицикли.
Од МВР велат дека продолжуваат со зајакнатите сообраќајни контроли за навремено откривање и санкционирање на прекршувањата на прописите, спречување на сообраќајните незгоди и заштита на човечките животи.
Оттаму упатуваат апел до сите возачи ги почитуваат сообраќајните правила, да користат пропишана заштитна опрема, да не управуваат под дејство на алкохол и да не управуваат возила без исполнување на законските услови.
