„Треба да се види имплементацијата. Може да биде и двоен трошок, а може да биде и надополнување на двата проекта. Јазичниот модел ’Везилка’ да се користи и во имплементација на проекти во Владата, на системот на е-влада – треба да живеат во симбиоза двата проекта“, вели министерот за дигитална трансформација за огласот на владиниот Генерален секретаријат за набавка на хардвер и софтвер за вештачка интелигенција, проценет на 1,6 милиони евра

360°: Во врска со огласот за кој известивме минатата недела – дека владиниот Генерален секретаријат планира набавка за вештачка интелигенција, хардвер и софтвер, која е проценета на околу 1,6 милиони евра, покрај веќе постоечкиот проект „Везилка“, во којшто државата има еден дел своја инвестиција покрај поддршката од Европската Унија, и којшто беше промовиран како решение коешто ќе има широк опфат, а е на македонски јазик. Писмените одговори што ги добивме од вашиот ресор не беа до крај директни, па еве шанса сега повторно да Ве прашам – што е тоа што сака да го добие Генералниот секретаријат со оваа набавка, а не може да го добие со „Везилка“?
Андоновски: Јас прво да ви кажам дека немаме ниту обврска, ниту можност да следиме јавни набавки во други институции. Јас за оваа набавка се информирав од вашата емисија, од прашањата коишто ги испративте до Министерството.
360°: Ако станува збор за набавка во областа на вештачката интелигенција, вие сте министер за дигитална трансформација, нели е логично да бидете елементарно информиран, ако не консултиран, за набавката?
Андоновски: Васко, многу долго се случува во оваа држава да има проекти коишто се случуваат во различни ресори. На пример, најголем дел од набавките со години коишто се однесуваат на лиценци, на опрема, на хардвер, на софтвер за државата, и покрај постоење на Министерството за информатичко општество и администрација, ги правеле други институции. Не само Генералниот секретаријат на Владата, и бројни други институции, агенции. Така што, кај нас системот е раздробен и функционира хоризонтално, и не е ништо спорно некоја институција да набави опрема, хардвер, софтвер, во ниту еден момент. Она што ме прашавте – не можам да зборувам за деталите на набавката бидејќи не ја познавам во детали, но она што можам да го кажам е дека „Везилка“ е национален проект за голем јазичен модел на македонски јазик којшто се гради во моментот и којшто потоа ќе има своја апликативна имплементација во било која од државните институции, приватниот сектор во конкретни области, јавна администрација, култура, земјоделство, енергетика итн. Овој проект, од тоа што можев да го разберам и од одговорите, се однесува на градење на модели за е-влада, но базирани на опрема којашто е фиксно сместена во Владата. Што значи дека нема да излегува на надворешни системи. „Везилка“ е надворешен систем.
360°: Има ли потреба од такво нешто?
Андоновски: Не можам да зборувам за потребите бидејќи не ги знам деталите. Не го познавам детално системот на е-влада, го менаџира со години Генералниот секретаријат, го модернизираат.
360°: Го гледав вчера во јавен настап деканот на ФИНКИ, меѓу другото, зборуваше за тоа дека „Везилка“ треба битно да им помогне на јавните институции.
Андоновски: Да, така е замислено.
360°: Така што, тоа е дилемата – дали оваа набавка може да биде квалификувана како двоен трошок при постоење на „Везилка“?
Андоновски: Треба да се види имплементацијата. Може да биде и двоен трошок, а може да биде и надополнување на двата проекта. Јазичниот модел „Везилка“ да се користи и во имплементација на проекти во Владата, на системот на е-влада – треба да живеат во симбиоза двата проекта.
360°: Како член на владата, таму има уште еден аспект. Ние прашавме, не добивме одговор – дали Владата одобри набавка во времетраење од 36 месеци, бидејќи мора да одобри таква набавка, а така беше распишан огласот?
Андоновски: Не можам да одговорам, навистина би требало да проверам затоа што секоја седница на влада имаме по повеќе од 120-130 точки, десетици седници се поминати оваа година. Навистина немам таква информација.
360°: Малку се распрашував и во политички кругови и во бизнис-кругови – дали практично сведочиме на ривалство на две заинтересирани бизни-групации во ВМРО-ДПМНЕ за превласт во област на дигиталната трансформација, а ова набавка е пример за тоа?
Андоновски: Не, не можам да…, барем јас не сум забележал нешто такво од бизнис-групации. Во Македонија технолошки компании нема премногу. Гледаме да работиме, барем тоа што гледам и по колегите, да работиме со македонски компании, да ангажираме македонски инженери. Опремата секако не може да биде македонска, не произведуваме таква опрема, ама не сум видел дека некои драстично се разликуваат. Сите 10, 15, 20 компании коишто работат во сите институции во државата, во општините, во агенциите, во министерствата – не сум забележал такво ривалство.
360°: Ова ве прашувам, меѓу другото, и поради случајот што на почетокот на овој месец го реактуелизираше СДСМ, а го отворија колегите од „Призма“ минатата година. Во изминатите месеци фирмата „Нова систем солушнс“, која се поврзува со сопругот на државната секретарка во ресорот со којшто вие раководите, добила уште два тендери токму од вашето министерство. Едниот договор е на околу 70 000 евра, другиот е на околу 100 000 евра. Лани таа фирма доби набавка од околу 1,1 милиони евра. Изгледа како нов играч на македонската бизнис-сцена, бидејќи фирмата е формирана некаде во септември 2024 година, неколку месеци по вашето доаѓање на власт, на кој му оди многу добро и тоа ексклузивно со вашиот ресор. Три договори имаат, со ниедна друга јавна институција немаат договор – само со Министерството за дигитална трансформација, и тоа од 1,1 милиони евра, 100 000 евра и 70 000 евра.
Андоновски: Па, ова не е компанија којашто има најголем број набавки или соработка со нашето министерство, ниту пак во средства, во суми има најмногу соработка со нас. Не сум истражувал со кои други соработуваат, дали соработуваат и со други. Она што можам да го кажам веднаш, и го кажав и минатата година – не се покажа никаква врска на оваа компанија, сме го зборувале во оваа емисија, со било кој којшто е дел од набавките, од одлуките, од носењето одлуки во министерството, ниту со државната секретарка.
360°: Ги знаете коинциденциите нели – кој е управител на фирмата, адресата во Турција…
Андоновски: Да, имаше дека еден од управителите бил во соработка со некој пријател на некој сопруг – така беше дискусијата.
360°: Не, неколку коинциденции се, и кога ќе ги ставите на купче ви се отвора дилема.
Андоновски: Да, кога ќе направите приказна позади еден случај тогаш се раскреваат пердуви па треба да се демантираат. Јас знам, се води постапка против еден од портпаролите во СДСМ на оваа тема, па други беа одговорите во одговорот на тужба: „не сум знаел“, „така ми напишале“ итн. Но нејсе. Поентата е дека секторот се соочува со многу чудна ситуација – има интерес сега веќе за работа и со државата, нешто што не беше пракса во минатото. Има нови компании коишто се појавуваат, не е само оваа – бројни други се појавуваат, соработуваат и со владини институции, работат и во приватниот сектор, сè со цел да се поттикне, да се заштити македонскиот ИКТ сектор затоа што има судир во Западна Европа. А со референците коишто ќе ги добијат тука во Македонија веќе можат да учествуваат на меѓународни – и набавки и проекти. И затоа што има стагнација во секторот во Западна Европа, гледаме на што повеќе компании да им дозволиме да работат во државните институции.
