Промената во судечкиот совет, како што информира Судот, доаѓа откако еден од поротниците информирал дека поради здравствени причини повеќе од еден месец нема да може да учествува на судењата, додека вториот најавил оти поради други ангажмани веќе нема да учествува како поротник на судските процеси

Поради промена на судечкиот совет, судскиот процес против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата сигурност, поврзани со трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани почна од почеток.
Промената во судечкиот совет, како што информира Судот, доаѓа откако еден од поротниците информирал дека поради здравствени причини повеќе од еден месец нема да може да учествува на судењата, додека вториот најавил оти поради други ангажмани веќе нема да учествува како поротник на судските процеси.
Судењето го води судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, додека застапник на обвинението е Спасенка Андонова.
Обвинителството, како што информира јавната обвинителка Андонова, останува целосно на обвинението.
Обвинетите Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, Марија Маневска, Томе Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлум Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Маријан Радевски повторно пред Судот се произнесоа по однос на разбирање на обвинението и изјавија дека остануваат на претходно изнесеното непризнавање на вина.
Инаку, од обвинетите 13 полициски службеници, деветмина се полицајци, а четворица се началници – двајца од ОВР Кочани и двајца од СВР Штип.
Судот информира дека се преземаат сите досега изведени материјални докази и се продолжува со сослушување сведоци на Обвинителството.
Судењето е поврзано со трагичниот пожар што избувна на 16 март во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Според наводите во предметот, на 16 март обвинетите биле дежурни, но истовремено биле и ангажирани во дискотеката. Иако биле присутни кога избил пожарот, ниту ја прекинале забавата, ниту спречиле активирање на пиротехниката.
