„Нашите услови се крај на војната на сите фронтови, ослободување на нашите замрзнати средства и крај на поморската блокада. Во интерес на Вашингтон е да ги прифати овие услови. Очекуваме одговор од претседателот Трамп“, изјави секретарот на Советот за безбедност на Иран, Мохсен Резаеи
Преку посредници од Катар, Иран денеска им ги достави на САД своите услови за завршување на војната и сега очекува одговор од американскиот претседател Доналд Трамп – вели во изјава за „Ал Џезира“ секретарот на иранскиот Совет за безбедност, Мохсен Резаеи.

„Нашите услови се крај на војната на сите фронтови, ослободување на нашите замрзнати средства и крај на поморската блокада. Во интерес на Вашингтон е да ги прифати овие услови. Заканите на Трамп нема да постигнат никакви резултати. Ние сме подготвени за решавачка војна. Во контакт сме со катарскиот посредник кој ги пренесе нашите услови за завршување на војната до Вашингтон и го очекуваме одговорот на претседателот Трамп“,
вели секретарот на иранскиот Совет за безбедност.
Резаеи не ја исклучува можноста за нови американски напади врз Иран. Вели дека врз основа на последните разузнавачки и воени проценки на Техеран, таквото сценарио е многу возможно, но нагласи дека иранските вооружени сили се целосно подготвени. Додава дека интензитетот на секој иден ирански одговор ќе биде голем, опфаќајќи ги американските бази и компании во регионот.
Катар и Пакистан во моментов работат на повторно воспоставување преговори меѓу двете страни откако нивниот меморандум за разбирање истече минатиот месец.
