„Разговаравме за неколку ресори, но не би сакал во моментов да шпекулирам. Секако дека мандатарот е наповикан да даде одговор на тоа прашање. Верувам дека веќе до крајот на месецот ќе има излагање од негова страна за темата“, кажа Димитриевски
Движењето ЗНАМ очекува да добие уште еден заменик-министер во Владата, соопшти денеска лидерот на партијата и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, додавајќи дека ресорот треба да се дефинира во текот на следниот месец.
Во изјава за медиумите пред почетокот на настанот по повод отчетот на избраните и именувани функционери на ЗНАМ, тој рече и дека односите и соработката во владината коалиција се на одлично ниво.

„За нашата политичка партија никогаш не е приоритет што ќе добиеме како составен дел на власта, туку сакаме да преземеме одговорност. Влеговме во оваа Влада и буквално понудивме ‘карт бланш‘ за да не гледаме реприза од минатото, како моноетничките партии на ситен камен ги дробат големите политички субјекти кои ја добиваат масовно поддршката на граѓаните. Во овој случај го спречивме тоа, да гледаме реприза“,
рече Димитриевски.
Во однос на поделбата на ресорите и местата во Владата, како што додаде, тргнуваат исклучиво од аспект на преземање одговорност.
„Очекуваме дополнително уште едно заменичко место, во уште еден ресор што треба да се дефинира во текот на следниот месец. Разговаравме за неколку ресори, но не би сакал во моментов да шпекулирам. Секако дека мандатарот е наповикан да даде одговор на тоа прашање. Верувам дека веќе до крајот на месецот ќе има излагање од негова страна за темата“,
кажа тој.
За пониските нивоа на власта, како вторите и третите ешалони, додаде дека до него не се пристигнати забелешки ниту од премиерот, ниту од ресорните министри во однос на работењето на функционерите на ЗНАМ.
„Можам да ветам како претседател на ЗНАМ дека именуваните и избраните функцонери на ЗНАМ ќе продолжат најревносно и најодговорно да ги вршат добиените функции и да ги имплементираат политиките на партијата содржани и усогласени во владината програма“,
вели партискиот лидер на ЗНАМ.
Неговата партија, како што посочи, е единствениот политички субјект во државата што по две години учество во власта излегува со отчет пред граѓаните за работата на сите избрани и именувани функционери што работат во рамките на Владата.
„Ние сме поразлични од останатите. За ЗНАМ, иако е тешко да се верува бидејќи навиките во општеството се веќе такви, нема ниту една афера, нулта корупција, и тоа претставено директно преку нашите претставници во извршната власт“,
истакна Димитриевски.
Приоритети на партијата нагласи дека се подобрување на социо-економскиот живот, правдата и еднаквоста пред законите.
Според него, Владата наследила длабоко задолжена држава и длабоко поткопани институции, а сега состојбата е на, како што кажа, позитивна нула.
Во државата, како што рече, се реализираат голем број инфраструктурни и капитални проекти, чии резултати не можат да си ги припишат ниту една политичка партија или поединец, туку се резултат на работата на целата влада и нејзините партнери.
Потенцира и дека за спроведување на владината програма заеднички се грижат сите партнери во коалицијата.
Во владината реконструкција во јули, ЗНАМ од своите редови го доби Борче Серафимовски за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
