Од партијата велат дека премиерот не презентирал доволно информации за најавените резерви на антимон, односно не кажал колкави се резервите, каде се наоѓаат, кој би ја вршел експлоатацијата и какви би биле последиците за локалното население
„Кошничката е до плафон поскапена. Пензијата е украдена со линеарните илјада денари. ЕСМ тоне. Државата се задолжува. Водата се забранува по селата и населените места. Тогаш се вади антимон и сервер како да се лек. Не се лек. Распродажба се. Струјата за туѓа дигитализација. Рудата за туѓа војска. Провизијата за арамија. Кога нема економија, продава ресурс. Кога нема ресурс, продава иднина“, се додава во партиското соопштение
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска соопштија дека премиерот Христијан Мицкоски преку најавите за дата-центри и ископување на антимон го распродава државното богатство, оценувајќи дека станува збор за проекти од кои граѓаните нема да имаат корист.
„Од Вашингтон донесе нова стока. Дата-центри што ја јадат струјата. Рудник за антимон што ја јаде земјата. Иста реченица: стратегија, богатство, стандард. Истиот метод: бројка без хартија, проект без име, народ што ќе плати после“,
се вели во партиското соопштение.

Оттаму велат дека антимонот е метал кој се користи во повеќе индустрии, вклучително и во производство на муниција, олово и материјали отпорни на пламен. Предупредуваат и на можни последици врз животната средина при експлоатација на рудата, посочувајќи на ризици од загадување на почвата и водата.
„Што е антимон? Без бајка. Метал. Ретко се копа. Оди главно во воена индустрија – муниција, олово, пламен. Мицкоски сам го кажа. Не е леб. Не е плата. Тоа е суровина за туѓа фабрика за оружје. Како се вади: се копа руда, се дроби, се топи. Од јаловината и од водата околу рудникот излегува отров. Антимонот влегува во почва, во река, во бунар. Потоа во растенијата. Потоа во човекот. СЗО има строг лимит во вода за пиење. Американската и европската агенција го водат како приоритетен загадувач. Во близина на стари рудници во светот почвата и водата години остануваат отровни. Се врзуваа често и со арсен. Белите дробови, црниот дроб, кожата, срцето – тоа не е пропаганда. Тоа е токсикологија. Затоа на повеќе места во Европа такви ископи се запираат или се оспоруваат: не затоа што некој мрази инвестиции, туку затоа што после рудникот останува дупка и отров, а профитот заминува“,
посочуваат од партијата.
Според СДСМ, Мицкоски не презентирал доволно информации за најавените резерви на антимон, односно не кажал колкави се резервите, каде се наоѓаат, кој би ја вршел експлоатацијата и какви би биле последиците за локалното население.
„Тој вели резервите биле поголеми од првиот и вториот производител во светот. Не кажа колку тони. Не кажа каде. Не кажа кој копа. Не кажа што останува за селото до јаловиштето“,
додаваат од опозицијата.
Оттаму прават паралела и со најавите за изградба на дата-центри, за кои тврдат дека ќе бараат значително количество електрична енергија.
„Истата шема како кај дата-центрите: пет-шест фирми под радар, гаранција на камера. Зошто сега? Затоа што две и пол години нема резултат што се јаде“,
велат од СДСМ.
Упатија критики до Мицкоски и за економските политики на Владата, наведувајќи ги како проблеми зголемените трошоци на граѓаните, задолжувањето на државата и состојбите во енергетскиот сектор.
„Кошничката е до плафон поскапена. Пензијата е украдена со линеарни теилјада денари. ЕСМ тоне. Државата се задолжува. Водата се забранува по селата и населените места. Тогаш се вади антимон и сервер како да се лек. Не се лек. Распродажба се. Струјата за туѓа дигитализација. Рудата за туѓа војска. Провизијата за арамија. Кога нема економија, продава ресурс. Кога нема ресурс, продава иднина“,
посочија оттаму.
Од СДСМ нагласуваат дека не се против ископувањето руда доколку, како што велат, државата има јасен план што ќе се експлоатира, какви обврски ќе има инвеститорот и што ќе остане за граѓаните и локалната заедница.
„Дата-центар плус антимон не е стратегија. Тоа е ликвидација на она што народот го пие, го ора и го плаќа. СДСМ не е против руда ако државата знае што копа, што остава и што зема народот. Ова не е тоа. Ова е договор без народ. Македонија не е депонија за туѓа индустрија и не е приклучок за туѓ сервер. Дата-центар плус антимон не е стратегија“,
наведуваат од партијата.
Во соопштението СДСМ го нарекува Мицкоски „арамија“ и го опишува како „армагедон за татковината“, во рамките на критиките кон политиките на Владата.
Премиерот во интервју за МИА рече дека посетата на Соединетите Американски Држави (САД) се користи за разговори за можно финансирање на инфраструктурни и енергетски инвестиции, како гасоводот и дата-центрите.
Посочи дека со американската Меѓународна финансиска развојна корпорација (ДФЦ) разговарале за проектите „Чебрен“ и „Галиште“, нагласувајќи дека оваа корпорација веќе е присутна во земјава преку финансирање на истражувањето на рудникот за антимон во Крива Паланка, каде што се присутни во делот на ПД-грантирање од пет милиони долари, за развој на проектот во Крстов Дол, во местото Луке, Паланечко.
За плановите за изградба на дата-центри и инвестиции поврзани со вештачката интелигенција, вели дека Владата разговара со шест компании, меѓу кои и „Рамбл“, за изградба на вакви центри.
И лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера на прес-конференција упати критики за најавената изградба на дата-центри, како и за проектот за рудник за ископ на антимон, обвинувајќи дека власта на чело со Мицкоски ги распродава националните богатства и ги договара проектите заради свои лични бизнис-интереси.
Посочи дека неговата партија не е против технолошки напредок на државата, туку против приватните бизнис-интереси на власта и на премиерот.
