„Во однос на сите овие постапки, на сите барања, дури и за правото да може да се приредува самостојно, постојат мислења од Министерството за финансии, коишто се позитивни“, изјави бранителот на првообвинетиот, адвокатот Еленко Миланов, одговарајќи на новинарски прашања по денешното рочиште
Одбраната на Бајрами во својата листа на докази го нема актуелниот директор на „Лотарија“, Александар Климовски, бидејќи, како што кажа Миланов, тој веќе се наоѓа на листата на сведоци на Обвинителството. Сепак, како што додаде, тие побарале да им биде овозможено директно да го испрашуваат Климовски
Во сите постапки и барања на „Лотарија“ до државните инстанци за набавка на видеотерминали, како и правото самостојно да приредува електронски игри на среќа имало мислења од Министерството за финансии, кои биле позитивни. Ова го тврди бранителот на првообвинетиот во предметот „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, адвокатот Еленко Миланов, кој на денешното рочиште најави дополнителни докази со кои неговата одбрана ќе ги оспорува наводите во обвинителниот предлог против неговиот клиент.

Имено, Миланов во рамките на денешната расправа ги наведе доказите што ќе ги изведат во текот на доказната постапка, а меѓу нив спомена и мислење и одобрение од Министерството за финансии.
Одговарајќи на новинарско прашање да појасни за што точно станува збор, бранителот на Бајрами изјави:
„Во однос на сите овие постапки, на сите барања, дури и за правото да може да се приредува самостојно, постојат мислења од Минисерството за финансии, коишто се позитивни“,
кажа Миланов.
Во тој контекст, адвокатот беше прашан и дали како сведок ќе го повика Фатмир Бесими, кој во времето кога било извршено делото, беше министер за финасии, Миланов кусо одговори дека тој како бранител на Перпарим Бајрами го нема ексминистерот на својата листа на докази.
„И толку, повеќе не би можел да ви кажам“,
додаде Миланов.
Инаку, денеска во судницата 1 во скопскиот Основен кривичен суд се говореше за доказите што одбраната на обвинетите ќе ги изведе во текот на постапката. Тие, како што посочи судијката Билјана Шуплиновска-Јованова, мора да ги заокружат листите со материјални докази и сведоци бидејќи понатаму тоа нема да можат да го направат.
Бранителот на обвинетиот Бојан Јанев, адвокатот Јордан Апостолски, кажа дека како сведок ќе го повикаат актуелниот директор на Државна лотарија, Александар Климовски.
Одбраната на Перпарим Бајрами, пак, во својата листа на докази го нема Климовски бидејќи, како што наведе Миланов, одговарајќи на новинарските прашања, актуелниот директор на „Лотарија“ веќе се наоѓа на листата на сведоци на Обвинителството. Сепак, како што додаде адвокатот, тие побарале да им биде овозможено директно да го испрашуваат Климовски.
„Со тоа што тој се наоѓа на таа листа на вербални докази (на Обвинителството н.з.), јас на мојата листа на докази само побарав право да можам дополнително да го испрашувам, односно со право на директно испрашување, а да го предложам како сопствен сведок не можам, затоа што тој е веќе сведок на Обвинителството“,
изјави адвокатот на првоообвинетиот Перпарим Бајрами.
Инаку, адвокатот пред судот наведе дека со Бајрами во средата (16 септември) извршиле увид во доказниот материјал на Обвинителството, по што по меѓусебна консултација заклучиле дека во него нема докази за кои сметаат дека се важни за нивната одбрана. Адвокатот рече дека денеска може само да ги најави овие докази, бидејќи поради кусите временски рокови не можел да ги обезбеди и побара од судот да ги нотира како дел од доказите што како бранител веќе ги доставил до судот.
Обвинителството кажа дека по однос на ова барање ќе се изјасни дополнително.

Миланов, кој беше единствен што одговараше на новинарски прашања по завршувањето на рочиштето, го оцени како коректно однесувањето на судот и на Обвинителството околу начинот на кој ќе бидат изведувани материјалните докази, иако во врска со ова прашање имаше дискусија меѓу странките за време на рочиштето.
Од обвинителството рекоа дека доказите ќе се читаат и ќе се дава кратко образложение, на што одбраната реагрише со барање да биде даден осврт и на нивната содржина.
Откако судијката Шуплиновска-Јованова ги ислуша аргументите на двете страни, рече дека ќе дозволи образложение на содржината на доказите и оти одбраната ќе може да поставува прашања во врска со нив.
„Морам да кажам дека постоеше коректно однесување и од судот, а исто така и од Обвинителството во делот на начинот на изведување на доказите, со тоа што сето она што е како содржина, неспорна, ќе биде прочитана и презентирана, за сите, и судот и обвинетите, а и вие како јавност да ја знаете содржината, и дали таа е нешто што го поткрепува ова обвинение или нешто што не дава основа за негово поднесување“,
рече адвокатот.
Инаку, првообвинетиот во случајот „Државна лотарија“, поранешниот директор на државното претпријатие, Перпарим Бајрами, денеска по првпат седна на обвинителна клупа во скопскиот Основен кривичен суд, иако судењето почна на 24 август. Тој од земјава побегна пред речиси две години, непосредно пред Основното јавно обвинителство Скопје да ја отвори истрагата за случајот Лотарија. Во земјава се врати на 9 септември, по што веднаш беше приведен и спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, на издржување на претходно определената мерка притвор.
Поради оваа околност, денеска во судницата повторно се читаше обвинителниот предлог, по што, одговарајќи на прашања на судот, Бајрами рече оти разбира за што е обвинет, но не се чувствува виновен за делата што му се ставаат на товар.
Дека не се чувствува виновен денеска се изјасни и осмообвиетиот, Башким Авди, кој тоа не го стори на претходното рочиште бидејќи бараше превод на обвинителниот предлог и на доказите на неговиот мајчин, албански јазик.
Покрај нив двајца, во предметот се обвинети и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, и уште четворица ексчленови на Надзорниот одбор на претпријатието – Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Инаку, обвинението, кое го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, се однесува на дејства преземени во текот на 2023 и 2024 година, со кои обвинетите ги пречекориле границите на своите службени овластувања, иако знаеле дека АД „Државна лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали. Ова право уште во 2013 година било вложено како непаричен влог од 6,2 милиони евра во основањето на заедничката компанија „Државна видеолотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА“, каде АД „Државна лотарија“ поседува 51 отсто од уделот.
