Правото на граѓаните директно да одлучат дали во нивната непосредна околина ќе има рудници, според опозицискиот лидер, е особено важно во услови кога веќе постојат сериозни проблеми со квалитетот и безбедноста на водата на повеќе локации во земјата. Кој ќе гарантира, вели Филипче, дека ископот на антимон ќе биде безбеден и дека во иднина антимонот не би завршил во водата
Граѓаните треба на референдум да одлучат дали сакаат рудници во близина на своите домови, порача денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, откако премиерот Христијан Мицкоски вчера од Вашингтон повторно го претстави најавениот рудник за ископ на антимон кај Крива Паланка како важен стратешки проект со САД.

Филипче, пак, му порача оти националните богатства не се негова лична сопственост и дека за вакви прашања е неопходно да се слушне гласот на граѓаните.
„Премиерот Христијан Мицкоски најавува распродавање на земјата. Вчера го слушам, кажува како ние сме биле богати со руда, надевајќи се дека ќе привлече инвеститори кои што тука ќе градат рудници. Сакам јасно и гласно да му порачам – не смее да ги распродава националните богатства. Прво, за рудници треба да се прашаат граѓаните“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Правото на граѓаните директно да одлучат дали во нивната непосредна околина ќе има рудници, според опозицискиот лидер, е особено важно во услови кога веќе постојат сериозни проблеми со квалитетот и безбедноста на водата на повеќе локации во земјата. Кој ќе гарантира, вели Филипче, дека ископот на антимон ќе биде безбеден и дека во иднина антимонот не би завршил во водата.
„Нема право премиерот, кога има сега целосен дебакл во сферата на економските политики, да мисли дека може да ја распродава земјата. Тоа не е негова приватна сопственост. Тоа што тој во моментов ја води Владата не значи дека треба да располага со националните богатства на земјата за да се спаси во делот на лошите економски политики. Треба граѓаните во средините во коишто живеат да се изјаснат на референдум дали сакаат или не сакаат блиску до нивните места на живеење да се градат рудници“,
рече Филипче.
Лидерот на СДСМ ја критикува и најавената изградба на дата-центрите, обвинувајќи дека власта ги договара заради свои лични бизнис-интереси. Вели дека како партија не се против технолошкиот напредок на државата, туку против приватните бизнис-интереси на власта и на премиерот Христијан Мицкоски кои се на штета на граѓаните.
