Министерката за образование вели дека МОН и БРО ги следат сите изјави, коментари и расправи на социјални мрежи и на другите медиуми во врска со програмата за сексуално образование, која, како што вели, е потребно да постои поради податоците кои укажуваат на голем број на жртви на онлајн насилство, но и несакани малолетнички бремености
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вечерва во гостување во дневникот на МРТ 1 рече дека лично ја прочитала програмата за Сеопфатно сексуално образование (ССО) за средно образование, која неодамна беше повлечена, и дека не гледа ништо спорно во неа.

Сепак, министерката вели дека на Бирото за развој на образованието (БРО) му наложила да направи детална ревизија и да даде стручно мислење за програмата, која за јавноста е спорна.
„Моралот и етиката не се во спротивност со знаењето кое децата треба да го имаат за правилен развој. Оттука побарав од Бирото за развој на образованието да се повлече програмата – таа што е спорна. Лично ја прочитав, не гледам ништо спорно, но побарав од Бирото да направи стручна ревизија заедно со стручњаци од Македонија, да ја погледнат уште еднаш програмата и да дадат свое мислење за да можеме да ја вратиме програмата повторно“,
изјави Јаневска во гостувањето во дневникот на МРТ 1.
Додава дека Министерството за образование и Бирото во моментов ги следат сите изјави, коментари и јавни расправи на социјални мрежи и на другите медиуми во врска со програмата за Сеопфатно сексуално образование, која, како што вели, е потребно да постои поради податоците кои укажуваат на голем број на жртви на онлајн насилство, но и несакани малолетнички бремености.
„Сексуалното образование е потребно во Македонија токму поради податоците кои вие ги кажавте и мислам дека тука веќе ќе нема компромис во однос на знаењето за заштита од сексуална агресија, од сексуално преносливи болести и пред сè од чувањето на здравјето и на девојчињата и на момчињата, избегнување на несакани бремености кај малолетниците. Тоа децата треба да го научат и треба да го знаат“,
вели ресорната министерка.
Минатата недела Јаневска објави дека по реакциите од јавноста, се повлекува изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование во средно образование и најави дека за програмата ќе биде спроведена ревизија.
- Се повлекува изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование, неговата програма ќе оди на ревизија
По одлуката за повлекување на програмата, од невладината ХЕРА порачаа дека ако од нешто треба да постои страв и негодување тоа не е сексуалното образование, туку сè почестите случаи на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата така и во јавни простори.
