Директорот на Царинската управа очекува дека службениците ќе ја користат опремата одговорно, доследно и професионално согласно утврдените правила

Царинските службеници на „Табановце“, „Ќафасан“ и „Блаце“ од денеска ќе користат телесни камери, кои имаат за цел да го забележат секое можно несоодветно однесување од царинскиот службеник, но и односот од страна на патниците, превозниците и економските оператори.
Системот на телесни камери за царинските службеници е обезбеден преку Меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги (ICITAP), во рамките на кривичниот оддел при Министерството за правда на САД.
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на денешната промоција на опремата на „Табановце“, рече дека проектот е чекор во модернизацијата и е нов стандард во работењето, што обезбедува професионалност, транспарентност, одговорност и безбедност.
„Со обезбедените 30 телесни камери заедно со целокупниот систем на инфраструктура и со спроведените обуки за корисници, супервизори администратори и обучувачи ние не добиваме само технологија, ние добивме систем кој треба да даде конкурентни резултати во секојдневното работење“,
рече Николовски.
Тој нагласи дека Царинската управа има определба дека нема место за корупција и злоупотреба на службените овластувања, а користењето на опремата ќе придонесе да се создаде средина во која ќе се спречуваат неправилности и злоупотреби.
„Затоа оваа технологија ја гледаме како дел од пошироката борба за интегритет и професионалност во Царинската управа“,
кажа Николовски.
Тој очекува поголема транспарентност и доверба, бидејќи снимениот материјал се евидентира и се обезбедува проверливост и поголема дисциплина. Очекува дека царинските службеници ќе ја користат опремата одговорно, доследно и професионално согласно утврдените правила.
Смета дека институцијата мора да биде модерна и професионална, во која граѓаните ќе имаат доверба и истовремено ќе обезбеди службениците да знаат дека нивната работа е заштитена и препознаена.
За вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД во Македонија, Никол Варнс, донацијата не е само опрема, туку е доказ за посветеноста на транспарентноста, отеченост и владеење на правото.
„САД веруваат дека силните институции се основа за безбедно и просперитетно општество. Денешното предавање на опремата е израз на заложбите на САД да гради ефикасни односи кои истовремено ги унапредуваат интересите на САД и на нашите сојузници. Заедно создаваме побезбедна средина за тргување, патување и инвестиции што ќе им донесат бенфит на двете наши нации преку поддршка за модернизирање на царинските операции во Северна Македонија“,
рече Варнс.
Таа кажа дека политиката на САД за странска помош е јасна и дека мора да испорача резултати, да обезбеди самоодржливост и американските ресурси да се користат ефикасно и стратешки. Донацијата, смета Варнс, обезбедува зајакнати демократски институции, сузбивање на корупцијата и поддршка на економскиот раст. Мобилните камери ќе ја подобрат транспарентноста на Царинската управа, ќе спречат нелегални активности, ќе ја изградат јавната доверба, што за Варнс се клучни цели во заедничката борба против трговија со дрога, луѓе и организиран криминал.
„Царинските службеници се првата одбранбена линија кога станува збор за нелегални супстанци, забранети стоки и криминални дејствија кои ги поминуваат границите. Опремувајќи ги царинските службеници со модерна технологија ги оспособуваме да ги извршат своите должности со поголем интегритет и ефикасност“,
рече Варнс.
На овој начин, таа очекува земјава да ги исполните обврските како стабилен партнер во регионалната и глобалната безбедност.
