Според ресорниот министер, законот нема да се однесува на регулација на производството на вештачка интелигенција, туку на, како што вели, нејзиното правилно, етичко и принципиелно користење
Прашан во врска со изградбата на националниот дата-центар, Андоновски вели дека се во финална фаза во однос на одредувањето на локацијата каде ќе се наоѓа, како и на пронаоѓање меѓународен финансиски партнер кој ќе го поддржи овој проект
Владата и Министерството за дигитална трансформација размислуваат за донесување закон за употреба на вештачка интелигенција, во смисла на нејзино правилно и етичко користење, изјави денеска ресорниот министер Стефан Андоновски.

За ваков закон, според министерот, се размислува во рамките на националната стратетија за вештачка интелигенција, чија прва нацрт-верзија утре треба да биде презентирана од работната група што ја подготвува.
Андоновски вели дека стратегијата ќе содржи и акциски план, кој го опиша како краток документ, но со многу конкретни задачи за институциите. Стратегијата ресорниот министер очекува да биде донесена до крајот на годината, откако претходно ќе биде прикачена на Единствениот национален регистар за прописи (ЕНЕР) и ќе бидат организирани неколку јавни расправи.
„Една од активностите на стратегијата ќе биде можеби, размислуваме за донесување на еден закон за употреба на вештачката интелигенција, значи не за регулирање на производство или создавање на вештачка интелигенција, туку повеќе за правилното, етичко и принципиелно користење за добро на вештачката интелигенција. Така што, тоа е нешто за што размислуваме за 2027 година“,
изјави денеска министерот за дигитална трансфромација одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на новата канцеларија за административни работи во Општина Гази Баба.
Прашан во врска со изградбата на националниот дата-центар, Андоновски вели дека се во финална фаза на изнаоѓање локација каде ќе се наоѓа, како и на пронаоѓање меѓународен финансиски партнер кој ќе го поддржи овој проект.
Вели дека станува збор за навистина важен проект, кој ќе го одбележи мандатот на Министерството за дигитална трансформација.
„Имав многу квалитетни разговори во изминатите неколку дена со потенцијални финансиери на овој проект, и исто така разговараме со Министерството за транспорт за утврдување на потребната процедура за употреба на таа конкретна локација, за изработка на проект“,
рече министерот.
Националниот дата-центар, како што изминатите денови веќе најави министерот, ќе биде граден во близина на Скопје, веднаш до една технолошко-индустриска развојна зона (ТИРЗ). Овој простор, како што кажа Андоновски, одговара за овој проект, бидејќи не се употребува за земјоделство или за нешто друго, до него веќе постои потребна енергетска и комуникациска инфраструктура, а се планира и изградба на нова.
„Во близина веќе се изградени фотонапонски централи, планираме и ние во втора фаза покрај дата-центарот да изградиме фотонапонска централа, со која 30 до 40 проценти од потрошувачката на електрична енергија ќе ја искористиме од фотонапонската централа. Така што мислам дека е многу соодветна локација, во близина на автопат, на фибер-оптика, на целокупна друга потребна инфраструктура, така што мислам дека е најсоодветната локација којашто можеше да се избере“,
рече Андоновски.
За потсетување, во јуни годинава Македонија официјално го промовира проектот „Везилка“ – Национална фабрика за вештачка интелигенција. Неговата цел, како што беше истакнато на промоцијата, е да создаде инфраструктура за развој на современи технологии, истражувања и иновативни решенија со примена на оваа технологија, а проектот треба да ги поврзе и домашната научна заедница, државните институции и приватниот сектор со европската инфраструктура за развој на вештачка интелигенција.
Инаку, изминатите период во светски рамки се заостри дискусијата околу безбедносните аспекти од развојот на вештачката интелигенција. Извршниот директор на компанијата „Антропик“ (Anthropic), Дарио Амодеи, во саботата (12 септември) во Њујорк изјави дека индустријата за вештачка интелигенција треба да го забави развојот на оваа технологија за да овозможи безбедносните мерки да го следат забрзаниот раст на ризиците. Тој оцени дека за справување со ризиците е потребна координација меѓу целата индустрија, како и на владите ширум светот, вклучително и на авторитарните режими. Неговото предупредување доби поддршка од извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Олтман, како и од Илон Маск, кој раководи со компанијата „ИксАИ“ (xAI).
Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп ги оцени како неосновани стравувањата за потенцијалните ризици од пребрзиот развој на ВИ, отфрлајќи ги барањата за построга регулација на на оваа технологија. Според него, она што е важно е Соединетите Американски Држави да ја задржат лидерската позиција и да не дозволат Кина да стекне предност.
