Ставот на СДСМ се однесува на вчерашната пресуда на Специјализираниот совет на Хаг кој ги осуди на повеќегодишни затворски казни поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели, прогласувајќи ги за виновни за воени злосторства извршени за време на војната во Косово
Според СДСМ, Гаши не може да настапува со двојни аршини кога станува збор за судски пресуди, бидејќи извршува државна функција, односно е претседател на законодавниот дом и претставник на држава чија цел е членство во Европската Унија
Одлуките на меѓународните судови мора да се почитуваат. Ова е ставот на Социјаледмократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во врска со вчерашната пресуда на Специјализираниот суд во Хаг кој им одреди долгогодишни затворски казни на четворицата поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели – осудени за воени злосторства.

Потсетувајќи дека станува збор за првостепена пресуда, на која обвинетите имаат право на жалба, од СДСМ упатуваат повик до сите да ја почитуваат одлуката на судот и да се избегне поттикнување тензии или поделби.
„Ако судот донел одлука за некого дека е виновен – тогаш тоа треба да се прифати, додека повисок суд не каже друго“,
се вели во соопштението од опозициската партија.
Оттаму наведуваат дека европските и меѓународните судови не ги донесуваат одлуките под влијание на трети страни, додавајќи дека затоа како партија се залагаат земјава да стане дел од Европската Унија.
Велат дека партијата истиот став го имала и кога на обвинителна клупа во Хаг беше поранешниот водач на војската на Република Српска, Ратко Младиќ, исто така, осуден за воени злостороства за време на војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите години на минатиот век.
„Тогаш рековме: пресуда мора да се почитува. И сега истото. Законот не се бира по нација“, велат од СДСМ.
Во тој контекст, од опозициската партија како крајно несоодветни ги оценуваат реакциите на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој вчера во објава на социјалните мрежи напиша дека ниту една пресуда не може да го негира фактот дека четворицата поранешни водачи на ОВК припаѓаат на славно поглавје во историјата на Косово и дека битката за правда продолжува, бидејќи станува збор за првостепена пресуда.
Според СДСМ, Гаши не може да настапува со двојни аршини кога станува збор за судски пресуди, бидејќи извршува државна функција, односно е претседател на законодавниот дом и претставник на држава чија цел е членство во Европската Унија.

Од партијата наведуваат дека пресудата на Специјализираниот совет во Хаг не е против албанскиот народ, ниту против правото на Косово на самоопределување и слобода, туку судот одлучува за одговорноста на поединци.
„Кој денеска ја претвора пресудата во етничка лекција, прави иста грешка како оној што злосторството го крие зад некое знаме“,
велат од СДСМ.
Социјалдемократите, во тој контекст, повторно упатуваат критики до премиерот Христијан Мицкоски за состојбата со судството во земјава, обвинувајќи го за мешање во работата на судот и обвинителството.
„Кај нас предметите се тргаат, толкувањата се измислуваат, Европската комисија во извештаите наведува за притисок врз правосудството. Тие сакаат партија да биде суд. Ние одбиваме. СДСМ ќе ја почитува одлуката на судот и ќе повторува едно: никој не е над законот. Ни таму. Ни тука“,
подвлекуваат од опозициската партија.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вчера во реакцијата по повод пресудата на Специјализираниот совет во Хаг напиша дека тоа е денот кога сите треба да застанат заедно, и со достоинство и смиреност да докажат дека нивните умови и срца се блиску до ослободителите на Косово и нивните семејства.
Освен Гаши, вчера и неговата партија Влен, која е дел од Владата, ја оцени за неправедна и неприфатлива пресудата на Специјализираниот совет на Косово во Хаг против четворицата ексводачи на ОВК. Според Влен, казните што им се изречени на Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими се високи и неприфатливи.
И лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, претходно ја квалификува како неправедна и длабоко разочарувачка пресудата против поранешните водачи на ОВК. Тој повика на воздржаност и единство во овие, како што ги нарече, тешки моменти и порача дека со верба во правдата, битката ќе продолжи со жалбената постапка.
Специјализираниот совет на Хаг ги осуди на повеќегодишни затворски казни поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели, прогласувајќи ги за виновни за воени злосторства извршени за време на војната во Косово. Хашим Тачи и Јакуп Красниќи добија затворски казни од по 25 години, Кадри Весели е осуден на 18 години затвор, а Реџеп Селими доби казна затвор од 13 години.
Претставници на Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Обединетото Кралство повикаа да се прифати и да се почитува хашката пресуда со која водачите на поранешната ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи добија долги затворски казни за извршени воени злосторства во текот на косовската војна за независност во 1998 и 1999 година.
