Во своето обраќање до медиумите, Вучиќ исто така рече дека ја закажал конференцијата за вечерта со причина, за да ги почека изјавите на сите и да види „со колку лицемерие се соочува Србија“

Не треба да има еуфорија околу првостепените пресуди на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово, вели претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
По денешното изрекување на судската одлука против четворицата поранешни водачи на ОВК, српскиот претседател изјави дека таа не ги вклучува сите злосторства против Србите и дека конечната пресуда ќе ја донесе Косово.
„Дури и ако пресудата биде потврдена, што ми е тешко да поверувам, имате трета инстанца, Уставниот суд на Косово, кој може да се врати на првобитната одлука ако утврди дека некое право на Хашим Тачи или на некој од осудените во првостепената или второстепената постапка е повредено“,
рече Вучиќ.
Вучиќ оцени дека судот, Специјализираниот совет за Косово во Хаг, кој е составен од меѓународни судии, не утврдил сомнежи за постоење на широко распространет или систематски напад врз цивилното население, бидејќи „не сакал да го поткопа кредибилитетот на Ослободителната војска на Косово“.
„Судот не се занимавал со легитимитетот на таканаречената ОВК и нејзината цел да се бори за независно Косово, што само по себе е невидено злосторство“,
рече Вучиќ додавајќи дека „злосторствата против српското и неалбанското население не биле опфатени“.
Во своето обраќање до медиумите, Вучиќ исто така рече дека ја закажал конференцијата за вечерта со причина, за да ги почека изјавите на сите и да види „со колку лицемерие се соочува Србија“. Потоа ги прочита реакциите на другите на одлуката на судскиот совет, меѓу кои беше и премиерот на Албанија, Еди Рама, кој, како што рече Вучиќ, ја нарече пресудата „срамна“.
„Замислете да го направев тоа?“,
рече Вучиќ и додаде „замислете колку дискусии би имало во Европскиот парламент или во хрватскиот или босанскиот парламент?“
Читајќи ги коментарите на други државници кои ја критикуваат пресудата, вклучувајќи го и премиерот на Косово Албин Курти, Вучиќ праша дали сега и на нив ќе им ја запрат европската интеграција затоа што „ја пцујат пресудата“.
„Само да видам колку двојни стандарди, невистини, непринципиелности има во нашата средина. Но, секогаш ќе сакаме да разговараме со сите во околината, што и да зборуваат и мислат за нас. Ќе мора да се обидеме да ги подобриме тие односи, но не служејќи им, туку водејќи цивилизиран разговор, почитувајќи ги интересите на другите. Србија секогаш ќе им подаде рака на сите. Ако сакаат, сакаат, ако не сакаат, никому ништо“,
рече Вучиќ.
Поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Хашим Тачи, е прогласен за виновен за воени злосторства и осуден на 25 години затвор од страна на Специјализираниот совет во Хаг.
Судот го прогласи за виновен за убиствата на 96 политички противници и поединци за кои се сметало дека соработувале со српските безбедносни сили – извршени од силите на ОВК за време на конфликтот.
Покрај Хашим Тачи, Специјализираниот совет на Хаг ги осуди на повеќегодишни затворски казни и останатите тројца поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели, прогласувајќи ги за виновни за воени злосторства извршени за време на војната во Косово.
Хашим Тачи и Јакуп Красниќи добија затворски казни од по 25 години, Кадри Весели е осуден на 18 години затвор, а Реџеп Селими доби казна затвор од 13 години. Специјализираниот совет на Хаг успеал да утврди дека четворицата поранечни водачи на ОВК не извршиле никакви злосторства против човештвото, но дека се одговорни за воени злосторства со незаконско апсење на најмалку 385 лица.
Претставници на Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Обединетото Кралство повикаа да се прифати и да се почитува хашката пресуда со која водачите на поранешната ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи добија долги затворски казни за извршени воени злосторства во текот на косовската војна за независност во 1998 и 1999 година.
