Мицкоски, во рамки на посетата на САД, ќе учествува и на годинашното собрание на Обединетите нации во Њујорк

Премиерот Христијан Мицкоски кој ја предводи владината делегација во работната посета на САД, денеска во Вашингтон остварил средби со конгресменката Клаудиа Тени и со конгресменот Кит Селф.
Мицкоски вели дека на средбата со Тени, која е копретседавач на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД, разговарале за традиционално силните и пријателски односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, како и за значењето на парламентарната соработка и размената на искуства меѓу двете земји.
„Посветеноста кон унапредување на партнерството, почитувањето на заедничките вредности и градењето стабилни односи остануваат важен темел за идната соработка“,
објави премиерот Мицкоски на Фејсбук.
Освен со конгресменката Тени, Мицкоски објави дека се сретнал и со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД.
„На средбата разговаравме за значењето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, за заедничките интереси и за можностите за понатамошно продлабочување на соработката во областите од значење за нашите две држави“,
додава премиерот.
Мицкоски, во рамки на посетата на САД, ќе учествува и на годинашното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Пред заминувањето во Њујорк, Мицкоски најави дека на маргините на годинашното Генерално собрание на ОН, ќе се сретне со голем број државници и оти веќе има потврдени средби. Кажа дека ќе се обидат да имаат билатерални средби и со земји од Заливот, со кои смета дека треба да градат добри и солидни партнерски врски.
