Пренасочувањето на средствата не ја укинува целосно програмата за странско воено финансирање за Тунис, Ирак, Северна Македонија или Словачка, иако точниот износ што останува за овие земји не е јасен

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп пренасочува десетици милиони долари од американската воена помош наменета за земји во Европа и на Блискиот Исток, со цел да ги поддржи конзервативните влади во Централна и Јужна Америка, пишува „Асошиејтед прес“.
Стејт департментот го известил Конгресот дека ќе пренасочи 52 милиони долари од средствата за странско воено финансирање – првично наменети за Словачка, Северна Македонија, Тунис и Ирак – кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија.
Пренасочувањето на средствата не ја укинува целосно програмата за странско воено финансирање за Тунис, Ирак, Северна Македонија или Словачка, иако точниот износ што останува за овие земји не е јасен.
Сепак, од Стејт департментот истакнаа дека тековната распределба на финансиските средства „не е во согласност со приоритетите на администрацијата“ во однос на западната хемисфера.
Државниот секретар Марко Рубио минатата недела ги посети Колумбија, Еквадор и Перу и им вети дополнителна поддршка, бидејќи администрацијата на Трамп ѝ дава приоритет на западната хемисфера во својата надворешна политика, со акцент на борбата против трговијата со дрога и илегалната имиграција.
Ова, како што се додава во написот, е најнов потег во низата одлуки со кои се намалуваат финансиските средства или бројот на војници распоредени во Европа, како одговор на забелешките на претседателот Доналд Трамп дека сојузниците од НАТО не издвојуваат доволно средства за своите одбранбени буџети, како и поради други прашања. И Северна Македонија и Словачка се членки на НАТО.
„Сепак, овој потег доаѓа и во време кога администрацијата посветува посебно внимание на западната хемисфера, тесно поврзувајќи се со десничарски влади, додека Трамп ја поздравува обновата на Монроовата доктрина од 19-тиот век, со која се воспоставува доминација на Вашингтон во Америка“,
се вели во написот на „Асошиејтед прес“.
Преку програмата за странско воено финансирање, на земјите-приматели им се обезбедуваат средства од американските даночни обврзници за да можат да купуваат воена опрема од американски компании од одбранбениот сектор.
Од Стејт департментот изјавија дека средствата ќе се користат за „борба против нарко-тероризмот во нашето непосредно соседство и за помош во одржувањето на безбедноста на Панамскиот Канал“, додавајќи дека западната хемисфера историски била запоставена во однос на американската воена помош.
„Овие средства ќе ги спречат противниците да воспостават стратешки упоришта во нашата хемисфера“,
соопштија од Стејт департментот.
