Потпретседателката на СДСМ побара од Владата одговор за тоа како дупката од една милијарда евра ќе се пополни, од каде точно ќе се покрие, кои мерки го намалуваат дефицитот и до кој датум

Дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) се зголеми на една милијарда евра, што претставува над 14 отсто од целиот државен буџет, алармираше потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната прес-конференција.
Според Тренчевска, лошото управување и неодговорните политики на премиерот Христијан Мицкоски и Владата го довеле Фондот во сериозен ризик, со што се загрозува редовната исплата на пензиите.
„ПИОМ веќе не може да се полни од придонеси, криминалната банда го доведе до неодржливост. Од први јули, оваа година, придонесот на ПИОМ е зголемен за 1% односно, процентот што одеше во Агенција во вработување го прераспределиле во Фондот за пензиско. Ја задолжија државата со 4 милијарди нов долг за само две години – секоја недела ново задолжување за криминални партиски тендери. Луксузи, нов авион, скапи партиски настани, 5,5 милиони евра за прослава – за граѓаните ништо, нула денари, нула мерки“,
истакна Тренчевска.
Од СДСМ предупредуваат дека дополнително се загрозува и вториот пензиски столб. Најавите, рече Тренчевска, се движат од национализација до реконструкција и можат да ги остават граѓаните без своите заштеди кои со години ги уплаќале.
„Ова е класична импровизација и неодговорно поигрување со иднината и сигурноста на граѓаните и на идните пензионери. Пензионерите бараат фонд што функционира, а не празни приказни и ветувања од арамија и неговата банда“,
додаде таа.
Потпретседателката на СДСМ побара од Владата одговор за тоа како дупката од една милијарда евра ќе се пополни, од каде точно ќе се покрие, кои мерки го намалуваат дефицитот и до кој датум.
„Се работи за стотици илјади луѓе, кои работеле, учествувале во полнењето на пензискиот систем. За пензионерите кои денес зависат од својата пензија за лекови, храна и сметки, и заслужуваат сигурност. За идните пензионери, кои денес работат, плаќаат придонеси и со право очекуваат еден ден да имаат сигурна и достоинствена пензија. Пензиите не се милостина од Мицкоски. Пензиите се право. Пензискиот фонд е обврска на државата“,
додаде Тренчевска.
Инаку, министерот за социјална политика Ѓоко Велковски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, во „360 степени“ на МРТ 1 одговараше на прашања за одржливоста на ПИОМ во услови кога од 2,4 милијарди евра годишно за пензии, од придонеси на плата се собираат само 1,4 милијарди.
Велковски рече дека неопходно било да се зголемат пензиите, а со тоа е направен одреден дефицит во буџетот на системот на ПИОМ.
„Тука придонесе и постојаниот одлив на кадар, онаа флуктуација во шест месеци надвор од Македонија коишто работат нашите сограѓани, нели, и заминуваат и се враќаат, бројот на пријавени со односот на платата минимална или повисока, и сето тоа влијаеше денеска државата одвојува на годишно ниво околу 60 милијарди денари за да се досубвенционираат пензиите. Тие ќе бидат, секогаш кога државата е гарант позади ова и стои како таква, ќе бидат исплатувани на време како што беше и изминатите две и пол години, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт и оваа влада функционира – на први буквално ги добиваат нивните пензии“,
рече Велковски.
