Лидерот на ДУИ повика на воздржаност и единство во овие, како што ги нарече, тешки моменти. Порача дека процесот не завршува овде и додаде дека со верба во правдата, битката ќе продолжи со жалбената постапка во случајот
Неправедна и длабоко разочарувачка. Вака лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, ја оцени денешната пресуда на Судот во Хаг против поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели – осудени за воени злосторства.

Ахмети повика на воздржаност и единство во овие, како што ги нарече, тешки моменти.
„Не смееме да паднеме во стапица чија цел е создавање тензии или поделби, ниту, пак, да дозволиме да се наруши угледот на ослободителната борба на народот на Косово“,
напиша Ахмети во објава на Фејсбук.
Тој порача дека процесот не завршува овде и додаде дека со верба во правдата, битката ќе продолжи со жалбената постапка во случајот, во чии рамки одбраната треба да ги оспори наодите на првостепениот суд.
Лидерот на ДУИ вели дека борбата на ОВК била борба за слобода, дека историјата на Косово не може да се препишува, а оти жртвата на еден цел народ не може да биде изведена на обвинителна клупа. ОВК, пишува Ахмети во објавата на Фејсбук, настана како одговор на угнетувањето и се бореше за слободата на Косово.
„Претходните обвинувања за трговија со органи – кои со години тежеа врз ОВК и нејзините лидери – не резултираа со обвиненија во оваа постапка. Судот денес ги ослободи обвинетите од обвиненијата за злосторства против човештвото и нагласи дека целта на ОВК била независноста на Косово – цел што навистина беше постигната. Ова се факти што мора да се имаат предвид секогаш кога некој ќе се обиде да ја прикаже ОВК како криминална организација. Во обвинението, Тачи, Красниќи, Весели и Селими беа товарени за одговорност за низа наводни злосторства извршени од 1998–1999 година. Веруваме дека и овие преостанати обвиненија ќе бидат отфрлени како што ќе напредува судскиот процес, исто како што претходните обвинувања за трговија со органи не се потврдија“,
додава лидерот на ДУИ.
Реакцијата на Ахмети следува откако Специјализираниот совет на Хаг денеска ги осуди на повеќегодишни казни поранешните четворица водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели, прогласувајќи ги за виновни за воени злосторства извршени за време на војната во Косово. Тачи и Красниќи добија по 25 години затвор, Весели е осуден на 18 години затвор, а Селими на 13 години.
