Според него, постапката што ја отвори ДКСК за можен судир на интереси кај едно лице, кое како член на Комисијата што ја одобри програмата за музичките настапи за прославата, а потоа се најде како учесник во неа, не е поврзана со постапката на Јавното обвинителство
Посочи дека случајот се анализира, и доколку Обвинителството најде основи – ќе постапи
Јавното обвинителство ја анализира секоја околност од кривичноправен аспект и доколку се утврдат основи – ќе постапи, изјави државниот јавен обвинител Ненад Савески по презентацијата на Годинешниот извештај за 2025 година во Советот на јавни обвинители, за финансирањето по повод 35-годишнината од независноста.

„Слушнав дека Антикорупциската комисија има отворен предмет, но нивната постапка не е поврзана со нашата. Секако, секој случај, вклучително и овој, Обвинителството го анализира и доколку најде основи, ќе постапи“,
кажа тој.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) засега отвори предмет само за можен судир на интереси кај едно лице, како член на Комисијата што ја одобри програмата за музичките настапи за прославата, а потоа се најде како учесник во неа, во рамките на настапот на светски познатиот тенор Хозе Карерас.
Имено, станува збор за композиторот и продуцент Николче Мицевски, кој, како што објави „Слободен печат“, се најде во двете улоги, за кого предметот ДКСК го отворила по допрен глас.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, изјави дека Антикорупциска ги разгледува и останатите аспекти на прославата, но, оти за нив нема отворено предмет.
Инаку, според новинските написи на „Слободен печат“ од минатата недела, Николче Мицевски бил претседател на надворешната комисија која го извршила изборот на единствената пристигната понуда за организација на прославата на независноста од компанијата „Стардаст“.
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) реагираат на отворањето предмет од страна на ДКСК за можен судир на интереси кај едно лице, оценувајќи дека тоа не претставува истрага за, како што тврди партијата, проневера на 5,5 милиони евра поврзана со организацијата на прославата.
Оттаму велат дека евентуалниот судир на интереси кај член на Комисијата што ја одобри програмата, а потоа се најде како учесник во неа, е само еден сегмент од случајот и бараат Јавното обвинителство да отвори постапка и да го следи текот на парите.
Од партијата прашуваат и каде се документите, договорите, анексите, исплатите и фактурите, како и дали бил платен данок и бараат да се утврди каде завршиле средствата и како биле носени одлуките за трошењето.
