Кога станува збор за деловните простори, највисока цена била платена за површина од 3 478 квадратни метри во Општина Аеродром. Купопродажната цена на овој деловен објект достигнала 6 798 924 евра или 1 954 евра за квадратен метар, нотира извештајот од Регистарот на цени и закупнини за пазарот на недвижности за првите шест месеци од оваа година, што го објави Агенцијата за катастар на недвижности
И покрај високите цени, според извештајот, пазарот на недвижности во земјава во првата половина од 2026 година бележи умерен раст на активноста. За половина година регистрирани се 16 126 трансакции, што, како што е нотирано, е за 2,2 отсто повеќе споредено со истио период минатата година
Вкупната вредност на купопродажбите, според нотираното, пак бележи зголемување од 21,3 отсто во споредба со првата половина од 2025 година, односно во првото полугодие таа достигнала 625,7 милиони евра
Стан од 50 квадратни метри, од кои четири се помошни површини, во скопската Општина Центар е продаден за 168 илјади евра или 3 360 евра за квадратен метар. Ова е еден од податоците во извештајот од Регистарот на цени и закупнини за пазарот на недвижности за првите шест месеци од оваа година, што го објави Агенцијата за катастар на недвижности, кој ја илустрира состојбата со цените на пазарот на недвижности, барем, кога станува за становите во главниот град.

Станува збор за највисоката купопродажна цена по квадратен метар за стан што била постигната во првата половина од 2026 година, нотира извештајот.
Но, освен за становите, извештајот дава преглед и за трансакциите во делот на купопродажба и закупи на куќи, деловни објекти, градежно и земјоделско земјиште и други недвижности.
Според податоците, најскапата куќа била продадена во скопски Карпош за сума од 1,5 милиони евра. Има 575 квадратни метри, а се наоѓа на земјиште со површина од 1 731 квадратен метар.
Кога станува збор за деловните простори, највисока цена била платена за површина од 3 478 квадратни метри во Општина Аеродром. Купопродажната цена на овој деловен објект достигнала 6 798 924 евра или 1 954 евра за квадратен метар.
И покрај високите цени, според извештајот, пазарот на недвижности во земјава во првата половина од 2026 година бележи умерен раст на активноста. За половина година регистрирани се 16 126 трансакции, што, како што е нотирано, е за 2,2 отсто повеќе споредено со истио период минатата година.
Од овие трансакции, 11 395 се однесуваат на купопродажби, а 4 731 за закупи.

„Во споредба со првото полугодие од 2025 година, кога биле регистирани вкупно 15 779 трансакции, во првото полугодие на 2026 година забележан е благ пораст на вкупниот број трансакции од 2,2 отсто“,
се наведува во извештајот.
Инаку, како што е нотирано во него, во првото полугодие од 2026 година, во Регистарот на цени и закупнини се впишани 9 369 продажби на недвижности, 1718 продажби од инвеститор, 281 откуп од Република Северна Македонија и 27 продажби на лицитација.
Најголем удел во вкупниот број купопродажби имаат становите, со 3 746 купопродажби, и земјоделското земјиште и шумите, со 3 703 купопродажби. Тие учествуваат со 32,9, односно 32,5 отсто во вкупниот број купопродажби.
Потоа, следуваат куќите, со 1 424 купопродажби или 12,5 отсто, и градежното земјиште, со 1 366 купопродажби или 12 отсто. Овие четири категории заедно сочинуваат околу 89,9 отсто од сите купопродажби. Кај деловните простори се регистрирани 485 купопродажби, кај гаражите 354, кај останатите недвижности 282, а кај индустријата 35 купопродажби.

Вкупната вредност на купопродажбите, според нотираното, бележи зголемување од 21,3 отсто во споредба со првата половина од 2025 година, односно во првото полугодие таа достигнала 625,7 милиони евра.
„Од податоците за вредноста на купопродажбите по тип на недвижност, се забележува значително зголемување на вкупната вредност во 2026 година. Вкупната вредност на купопродажбите се зголемила од 446,9 милиони евра во 2024 година, на 516,0 милиони евра во 2025 г, а во 2026 година достигнала 625 милиони евра. Тоа значи дека во 2026 година, во споредба со 2025, вкупната вредност е зголемена за 109,7 милиони евра, односно 21,3 отсто. Во онос на 2024година, растот изнесува 178,8 милиони евра, или 40 отсто“,
се наведува во извештајот.
Најголема вредност на купопродажбите во првото полугодие од 2026 година е реализирана кај становите, со 289,1 милиони евра. Потоа следуваат куќите со 101 милион евра, деловните простори со 98,3 милиони евра и градежното земјиште со 52,6 милиони евра.

Кај земјоделското земјиште и шумите е регистрирана вредност од 39,9 милиони евра, кај индустријата 21,5 милиони евра, кај останатите недвижности 20,9 милиони евра, а кај гаражите 2,4 милиони евра.
Најзначително зголемување на вредноста на купопродажбите во однос на првата половина од 2025 година е забележано кај деловните простори, со раст од 80,7 отсто – од 54,4 на 98,3 милиони евра. Намалување на вредноста е забележано кај земјоделското земјиште и шумите, каде таа се намалила од 41,7 на 39,9 милиони евра, односно за околу 4,3 отсто.
Во првата половина од 2026 година, највисока вредност на купопродажбите меѓу општините опфатени во анализата е реализирана во Општина Аеродром, со 83,8 милиони евра, што претставува раст од 75 отсто во однос на истиот период од 2025 година. Следуваат Општина Центар, со 78,3 милиони евра и раст од 19 отсто, и Општина Карпош, со 62,8 милиони евра и раст од 11 отсто. Во Гази Баба се реализирани купопродажби во вредност од 53,6 милиони евра, што е зголемување од 75 отсто.

Најголем процентуален раст на вкупната вредност на купопродажбите е забележан во Гостивар, каде што вредноста пораснала за 81 отсто. Следуваат Куманово со раст од 77 отсто, Аеродром и Гази Баба со по 75 отсто и Бутел со 64 отсто.
Намалување на вкупната вредност на купопродажбите на пазарот на недвижности е регистрирано во Струга 24 отсто, Тетово 21 отсто, Струмица 17 отсто и Кисела Вода 16 отсто.
Според извештајот, просечната цена на становите од стара градба во првото полугодие од 2026 година била највисока во Центар – 1 547 евра за квадратен метар, потоа во Аеродром – 1 532 евра и Карпош – 1 523 евра. Кај становите од инвеститори, највисоки просечни цени се регистрирани во Центар – 1 712 евра, Карпош – 1 167 евра и Ѓорче Петров – 1 062 евра за квадратен метар. Најниски просечни цени се евидентирани во Струмица – 719 евра за квадратен метар кај старата градба и 689 евра кај становите од инвеститори.
