Настанот се одржа по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата, во организација на Парламентарниот институт на Собранието, во соработка со Националниот демократски институт и со поддршка од Амбасадата на Швајцарија
Демократија е кога во вашиот клас заеднички ќе одлучите каде сакате да одите на излет. Некој можеби ќе предложи да одите на Матка, друг ќе каже во Охрид, трет во Катланово, а класниот раководител можеби ќе го предложи Водно. Но сите вие треба да гласате и заеднички да одлучите каде ќе одите на излет – тоа е демократија.
Вака потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, им го објасни принципот на демократијата на учениците од пет основни училишта од Скопје, кои денеска присуствуваа на едукативен настан во парламентот по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата – 15 Септември.

„Оној што размислува поинаку не му е непријател на оној што не размислува како него. Демократијата е степен на општествен развој во кој одлуката на мнозинството се почитува и од оние што не успеале да ја наметнат својата позиција. Тоа не е слабост, туку израз на политичка култура“,
рече Милошоски и додаде дека почитувањето на одлуката на мнозинството е суштина на демократијата.
Пред учениците од скопските основни училишта „11 Октомври“, „Страшо Пинџур“, „Живко Брајковски“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Гоце Делчев“ се обрати и амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер, кој порача дека демократијата не се сведува само на избори и институции, туку се практикува и во секојдневниот живот.
„Демократијата значи да имате глас, да го изразите своето мислење, да ги слушате другите, да поставувате прашања, па дури и да не се согласувате, а сепак сите да имаат можност да придонесат во општеството во кое живееме. Демократијата не почнува тогаш кога ќе станете доволно возрасни за да гласате. Таа почнува во моментот кога ќе сфатите дека вашиот глас е важен. Таа не е производ што еднаш е создаден и потоа оставен на полицата, туку нешто што мора постојано да се практикува, негува и унапредува“,
порача швајцарскиот амбасадор.
Раководителот на Парламентарниот институт и државен советник Златко Атанасов во своето обраќање ја нагласи улогата на воспитувањето и образованието во развивањето демократска култура уште од најмала возраст. Рече оти никој не се раѓа како демократ, туку преку животот учи да ги почитува правата на другите.
Настанот е во организација на Парламентарниот институт на Собранието, во соработка со Националниот демократски институт и со поддршка на Швајцарската програма за парламентарна поддршка.
