Нападот се случил во петокот (11 септември), додека повредениот полицаец и негов колега интервенирале во спречување кривично дело
Основното јавно обвинителство Куманово донело наредба за спроведување истражна постапка против 40-годишен кратовец, осомничен дека пред три дена со нож прободел полициски службеник, нанесувајќи му тешки телесни повреди.

Како што соопштија попладнево од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка поднел предлог на осомничениот да му биде одредена мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.
Инаку, кратовецот се товари за кривичното дело напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Настанот се случил во петокот (11 септември) додека повредениот полицаец и негов колега интервенирале во спречување кривично дело. Според краткиот опис на делото, во моментот кога полицајците со употреба на сила ја отвориле заклучената врата од собата во која се наоѓал осомничениот, тој ги нападнал и на едниот од нив со нож му нанел тешки телесни повреди – прободна рана и посекотина.
