Минатиот месец, според податоците што ги изнесе Перински, Фондот исплатил над 623 милиони денари за боледувања, од кои 414 милиони денари се издвоени за породилни отсуства, а преостанатиот дел за други боледувања

Построги контроли на боледувањата најави денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински.
Перински вели дека до Управниот одбор ќе биде предложена предлог-измена на Правилникот за боледување, со цел да се осигури дека средствата што ги исплаќаат стигнуваат до оние на кои им се најпотребни, како и за да се зајакнат механизмите што ќе овозможат превенција на потенцијална злоупотреба на боледувањата.
„Не сакаме да направиме систем кој е построг, туку сакаме да направиме систем што е правичен“,
рече Перински.
Тој вели дека клучна измена што ќе се бара од Управниот одбор е намалување на деновите за боледување што може да ги издаде матичниот лекар – од сегашните седум на пет дена.
„Сметаме дека и пет дена во иднина ќе бидат доволни за дообезбедување дополнителна анамнеза или за продолжување на боледувањето. Се олеснува постапката за издавање боледување за оние лица што не се во можност да дојдат со физичко присуство да го обезбедат боледувањето“,
рече тој.
Податоците, рече тој, покажале неправилности кај речиси 30 отсто од испитаниот примерок на боледувања во МВР, каде веќе се изречени глоби, а се финализира и анализата во Министерството за одбрана. Контролите во иднина ќе се вршат по пријава на работодавачите или по случаен избор во соработка со УЈП и МВР. Доколку осигуреникот не биде пронајден дома, ќе се упатува пред лекарска комисија за образложение.
Минатиот месец, според податоците што ги изнесе Перински, Фондот исплатил над 623 милиони денари за боледувања, од кои 414 милиони денари се издвоени за породилни отсуства, а преостанатиот дел за други боледувања.
„Мораме да бидеме одговорни кон системот со кој управуваме. Кога ќе кажеме бројка од 623 милиони денари исплатени само по основ на боледување, јасно е дека мора да имаме јасно воспоставени правила и механизми во делот на контролата“,
истакна тој.
Според него, темата боледување и породилни отсуства секогаш е сензитивна во јавноста и идејата не е да се спречат правата, туку злоупотребите во рамките на искористување на боледувањето.
„Фондот за здравствено осигурување за 2026 година во рамките на својот буџет има предвидено 6 милијарди 454 милиони денари средства, што се наменети за боледувања и породилни отсуства. Тоа е значителна сума и во таа насока мораме да го затегнеме системот на контрола“,
додаде тој.
Перински истакна дека во однос на биолошки потпомогнатото оплодување, мерката за овозможување до шест ин-витро обиди веќе дава резултати. Од над 1 880 обиди, 237 се однесуваат на четврти, петти или шести обид.
„Во моментот анализираме градација на финансискиот пакет што го даваме за еден обид. Медицински тимови работат на утврдување поиндивидуализиран пристап во делот на издавање на ваучерот за биолошки потпомогнато оплодување во делот на првиот, вториот или третиот обид, сè со цел да го зголемиме процентот на можност во првите обиди да имаме позитивен исход од целата процедура. Ова се планови што планираме да ги ефектуираме од 2027 година, но за да бидеме сигурни дека ќе имаме и финансиска конструкција, а секако и медицински да имаме поддршка за ова, сепак ќе ни треба уште извесен период да го доработиме“,
истакна Перински.
Како дополнителна олеснувачка новина за пациентите, Фондот ќе предложи промена на важењето на рецептите издадени од дежурните служби. Наместо досегашното правило рецептот да се реализира истиот ден до полноќ, ќе се бара рокот да се продолжи на 24 часа.
