Обвинителството, рече Кузеска, треба да утврди колку точно чинел настапот на Гета, кои фирми ги добиле парите и каде се вршеле исплатите кон „Стардаст“ односно „Авалон“ додека компанијата имала блокирана сметка

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) побара Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага и да ја обезбеди целокупната документација за, како што наведуваат, нетранспарентното трошење на 5,5 милиони евра од страна на Државната лотарија за прославата на која настапи светски познатиот диџеј Дејвид Гета.
На прес-конференција пред Обвинителството, портпаролката и членка на ИО на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини дека власта крие документи, одлуки, анекси и фактури од граѓаните, истакнувајќи дека самиот начин на носење одлуки е сомнителен и спротивен на законот.
Од СДСМ бараат одговори на неколку прашања во врска со организацијата на настанот.
„Во кое својство Владата ѝ наложила на Државната лотарија да го финансира настанот и каде е одлуката на Собранието на акционери за трошење на над 300 милиони денари?“,
прашаа од СДСМ.
Јавниот повик траел само пет работни дена со пристигната една понуда. Повикот завршил на 8 мај, а веќе по три дена бил најавен настапот на Дејвид Гета, што според СДСМ укажува на однапред приспособени услови за конкретен организатор.
Обвинителството, рече Кузеска, треба да утврди колку точно чинел настапот на Гета, кои фирми ги добиле парите и каде се вршеле исплатите кон „Стардаст“ односно „Авалон“ додека компанијата имала блокирана сметка.
СДСМ бара одговор и каде завршиле околу 1,75 милиони денари од продадените билети и дали за нив е платен соодветен данок.
Кузеска рече дека првичната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека прославата чини „нула денари“ е директно манипулирање со јавноста.
Покрај Јавното обвинителство, СДСМ упати повик за итно постапување и до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Државниот завод за ревизија за целосно расчистување на случајот и утврдување одговорност.
„Да се утврди каде завршил секој денар. Народот не е ниту ’талог’, ниту ’идиот’. Не може постојано да го лажете и да ги криете одговори за неговите пари“,
рече Кузеска.
Инаку, минатата недела, владината портпаролка на членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, соопшти дека целокупната прослава на Денот на независноста, која опфати поголем број настани кои траеја речиси еден месец, а кулминираа со настапот на францускиот диџеј и продуцент Дејвид Гета на Националната арена „Тодор Проески“, чинела 340 милиони денари, или околу 5,5 милиони евра.
Како што наведе таа, главнината, односно 300 милиони денари за прославата биле обезбедени од нераспределената добивка на Лотарија предвидена за 2024 година, а не средства од државниот буџет.
Преостанатите 40 милиони денари од вкупната финансиска конструкција за прославата, рече Митева, биле обезбедени од општествено одговорни компании кои се приклучиле кон реализацијата на настаните.
Директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, рече дека компанијата со која раководи е посебен правен субјект и оти парите што биле дадени за прославата како нераспределени средства од добивка се нејзини пари, а не буџетски.
