Огнот зафатил голема површина на Брач, а се проценува дека неговата должина е помеѓу 35 и 40 километри
Состојбата со големиот пожар што избувна на хрватскиот остров Брач, кој е активен од 10 септември, од утрово е значително подобрена во споредба со таа од претходните денови, пренесуваат хрватските медиуми.
На терен има помали жаришта со чад и пламен, кои пожарникарите засега ги држат под контрола.

Во текот на изминатата ноќ се евакуирани повеќе од 600 лица, а неколкумина побарале медицинска помош во Клиничкиот центар во Сплит.
Според хрватските противпожарни служби, за гаснење на пожарот во близина на Ложишќе и Милна се ангажирани 236 пожарникари со 68 возила, со четири авиони „канадер“ и три авиони за гаснење пожари.
Пожарот, пак, што избувна на Бол на Брач вчера попладне е изгаснат. Пожарникарите уверуваат дека ако нема ветер во следните денови, ситуацијата ќе стивне.
Инаку, огнот зафатил голема површина на Брач, а се проценува дека неговата должина е помеѓу 35 и 40 километри.
Според проценките, досега изгореле повеќе од 4 000 хектари шума и ниска вегетација.
Од доброволното противпожарно друштво велат дека борбата со огнената стихија била драматична, оценувајќи дека на почетокот ситуацијата била апокалиптична.
Пожарот се ширел побрзо отколку што пожарникарите можеле да интервенираат и се приближувал до објектите пред екипите да стигнат до нив.
Особено била критична ситуацијата во едно одморалиште, каде што околу 200 лица останале заробени во хотел. Поради пожарот што ја зафатил околината, тие не можеле веднаш да бидат евакуирани, па пожарникарите ги сместиле во најбезбедниот дел од зградата и ја бранеле додека луѓето биле внатре.
Противпожарни екипи интервенирале и во близина на Севид, каде што пожарот зафатил ниска вегетација и грмушки и се заканувал на куќи. Со помош на хеликоптер, пожарот бил ставен под контрола пред стемнување.
