По пребројувањето на 93 отсто од гласовите, Социјалдемократите на поранешната премиерка Магдалена Андерсон освоиле 28,1 процент од гласовите, пред Умерената партија на Кристерсон со 19,9 отсто

Резултатите од националните избори во Шведска покажуваат тесно водство на опозицијата пред актуелната влада, пишуваат светските медиуми.
Според резултатите од Изборната комисија, по пребројувањето на 93 отсто од гласовите, левоориентираниот блок предводен од Социјалдемократите има тесно водство пред либерално-конзервативната Умерена партија, предводена од шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Како што пишува ДПА, Изборната комисија му дава предност на левоориентираниот блок со 176 пратенички места, наспроти 173 за конзервативниот блок. За мнозинство во шведскиот парламент, кој брои 349 пратеници, потребни се 175 места.
Sweden, 6,200 of 6,626 districts counted: Seat projection per bloc, national parliament S+V+MP+C-S&D|LEFT|G/EFA|RE: 176 (+3) SD+M+KD+L-ECR|EPP|RE: 173 (-3) +/- vs. Last election result ➤ https://t.co/5XI9Get6LP https://t.co/nBsQJBr5LE
— Europe Elects (@EuropeElects) September 14, 2026
Конечните изборни резултати веројатно нема да бидат објавени пред среда, бидејќи треба да се пребројат и гласовите од странство.
По пребројувањето на 93 отсто од гласовите, Социјалдемократите на поранешната премиерка Магдалена Андерсон освоиле 28,1 процент од гласовите, пред Умерената партија на Кристерсон со 19,9 отсто.
Според написот на агенцијата ДПА, без оглед на исходот од гласањето, земјата веројатно ќе се соочи со долг процес на формирање влада – како што беше случајот по изборите во 2022 и 2018 година – бидејќи партиите во рамките на блоковите исто така имаат несогласувања за неколку прашања.
Околу осум милиони Швеѓани имаа право на глас. Долго пред изборите, опозицијата имаше значителна предност во анкетите. Сепак, непосредно пред денот на гласањето, трката за власт стана понеизвесна отколку што се очекуваше.
Темите на кои се фокусираше изборната кампања ги вклучуваа предизвиците со кои се соочува земјата во справувањето со миграцијата, криминалот поврзан со банди и заострувањето на кривичното законодавство. Но, кампањата се фокусираше и на прашањето дали десничарските популисти би можеле за првпат да влезат во владата.
Кристерсон моментално предводи малцинска влада составена од неговата централно-десничарска Умерена партија, Демохристијаните и Либералите.
Лидерите на партиите во изборната ноќ нагласија дека трката сè уште не е завршена.
Актуелниот премиер изјави дека гласачите го кажале своето, но дека сè уште нема конечен резултат.
„Која влада ќе ја предводи Шведска во наредните години сè уште е отворено прашање, а ние ќе сториме сè што е во наша моќ за да обезбедиме таа влада да биде најдобрата можна за нашата земја“,
рече Кристерсон пред поддржувачите.
Андерсон истакна дека мора да се почекаат конечните изборни резултати и оти социјалдемократите секогаш ќе бидат подготвени да ја преземат одговорноста за резултатот.
„Се чини дека трката ќе биде многу тесна. Но, во моментов ние водиме. Ако така остане, тогаш Шведска ќе добие нова влада. Сепак, мораме да го почекаме конечниот резултат, затоа дозволете ми да завршам таму каде што почнав: со демократијата – највредното нешто што го имаме“,
вели таа.
