Американскиот претседател смета дека САД мора да ја задржат предноста пред Кина, додека челниците на „Антропик“, „ОпенАИ“ и „ИксАИ“ алармираат за сериозни безбедносни ризици и можно губење контрола над технологијата
Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли барањата за построга регулација на вештачката интелигенција, оценувајќи дека зад таквите иницијативи стојат премногу негативни сили кои шират неосновани стравувања.

Во одговор на новинарски прашања за тоа дали треба да се забави развојот на оваа индустрија, тој рече оти главен приоритет е Соединетите Американски Држави да ја задржат својата лидерска позиција, притоа велејќи дека земјата е технолошки најнапредна во светот и дека е клучна предноста во трката со Кина, бидејќи како што кажа, тој што ќе победи во развојот на вештачката интелигенција, ќе победи на глобално ниво.
„Би можеле да воведеме ограничувања. Можеме да го направиме ова или она. Но, сметам дека постојат многу премногу негативни сили кои ја иницираат таа тема, а не би требало, и изнесуваат тврдења за работи кои нема да се случат“,
рече Трамп.
Наспроти ваквите ставови на Трамп, директорот на компанијата „Антропик“, Дарио Амодеи, упати јавен повик за забавување на развојот на вештачката интелигенција поради растечкиот страв од безбедносни ризици и можни злоупотреби. Неговото предупредување доби поддршка од извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Олтман, како и од Илон Маск, кој раководи со компанијата „ИксАИ“ (xAI).
