Собирот насловен „Марш на слободата“, а организиран од платформата „Слободата има име“, на кој, според проценките, присуствуваа десетици илјади луѓе, се случи на четири дена пред објавувањето на конечната пресуда на Специјализираниот совет во Хаг за обвинетите поранешни раководители на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Карасниќи и Реџеп Селими
„Косово денес силно го крена својот глас, изразувајќи благодарност кон оние кои се жртвуваа за неговата слобода и достоинство. ОВК е дел од историјата на Косово и од заедничкото сеќавање на сите оние кои веруваа и се бореа за слободата. Од Приштина денес ја упативме пораката дека правдата и слободата мора да одат заедно“, напиша Ахмети во објава на Фејсбук, во која сподели десетици фотографии од неговото присуство на настанот
Денеска во Приштина се одржа марш за поддршка на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) на кои им се суди во Хаг под обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото, пренесоа реагионалните медиуми.

Собирот насловен „Марш на слободата“, а организиран од платформата „Слободата има име“, на кој, според проценките, присуствуваа десетици илјади луѓе, се случи на четири дена пред објавувањето на конечната пресуда на Специјализираниот совет во Хаг за обвинетите поранешни раководители на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Карасниќи и Реџеп Селими.
Пред бината и по целата должина на шеталиштата во главниот град беа истакнати знамиња на Косово, Албанија и на ОВК, како и фотографии на обвинетите на кои насобраните присутни им дадоа поддршка. Во говорите што беа одржани за време на маршот се повикуваше на правда и на нивно враќање во Косово. Меѓу другото, беше кажано и дека „ОВК се кренала против угнетувањето и дека нејзината борба не смее да биде предмет на ревизија преку судски постапки“.
Елиза Хоџа, членка на платформата „Слободата има име“ и една од организаторките на настанот, истакна дека денеска се маршира за оние кои се осмелиле да направат повеќе од мнозинството граѓани.
„Денеска маршираме со ОВК, за ОВК, затоа што ОВК нè обединуваше, нè обединува и денес, нè обединува засекогаш“,
рече Хоџа, пренесе Бета.
Претседателот на Организацијата на воените ветерани на ОВК, Хисни Гучати, изјави дека собирот не е организиран за одбрана на поединци, туку за одбрана на вистината на еден народ кој се борел за опстанок, слобода и државата Косово.
„Денеска овде не се собравме да браниме поединец, туку се собравме да ја браниме вистината на еден народ кој се бореше да преживее, да биде слободен и да ја изгради нашата држава“,
рече Гучати.
Поддршка изрази и претседателот на Демократската партија на Косово (ДПК), Бедри Хамза, кој истакна дека Косово ја памети, ја почитува и ја брани жртвата на ОВК.
„Денеска на овој плоштад во Приштина не гледам само илјадници граѓани, туку го гледам Косово. Ги гледам луѓето кои го одржаа Косово во живот во најтешките денови, ги гледам семејствата кои платија висока цена за слободата“,
изјави Хамза.
На маршот присуствуваше и претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, кој на својот официјален фејсбук-профил напиша дека во Приштина денеска марширале за „слободата и за поддршка на ослободителите“ и дека народот „јасно ја кажал својата пресуда за Тачи, Весели, Красниќи и Селими – да бидат прогласени за невини“.

„Косово денес силно го крена својот глас, изразувајќи благодарност кон оние кои се жртвуваа за неговата слобода и достоинство. ОВК е дел од историјата на Косово и од заедничкото сеќавање на сите оние кои веруваа и се бореа за слободата. Од Приштина денес ја упативме пораката дека правдата и слободата мора да одат заедно. Слава на сите маченици на слободата! Да живее Косово! Слава на ОВК!“,
напиша Ахмети во објавата, во која сподели десетици фотографии од неговото присуство на настанот.

Пресудата за поранешните водачи на ОВК ќе биде изречена на 16 септември пред Специјализираниот совет во Хаг, а на плоштадот во Приштина е поставен часовник што го одбројува времето до пресудата. Обвинителството бара секој од нив да добие казна затвор од 45 години.
Тие се во притвор во Хаг од ноември 2020 година. Обвинети се за прогон, убиство, мачење, злоставување и исчезнување на луѓе за време на војната во Косово во 1998 и 1999 кога биле убиени повеќе од 100 политички противници и претпоставени соработници на српските безбедносни сили, а стотици биле злоставувани во педестина логори управувани од ОВК.
