Во трката за градоначалник на оваа Општина ќе учествуваат четворица кандидати – Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Радески од СДСМ, Јакуп Хусеин од Влен и Аркин Јахији од ДУИ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска во Државната изборна комисија (ДИК) ја поднесе кандидатурата на нивниот кандидат за градоначалник на Општина Брвеница, Стојанчо Радичевски, кој во трката влегува откако вчера беше избран на редовна седница на Извршниот комитет на партијата.

Кандидатурата на Радичевски ја поднесе генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој во видео обраќање на социјалните мрежи рече дека имаат одличен кандидат и очекуваат победа на изборите кои се закажани за 18 октомври.
„Штотуку ја поднесовме кандидатурата за кандидат за градоначалник на Oпштина Брвеница за господинот Стојанчо Радичевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Веруваме дека имаме одличен кандидат, кандидат којшто ќе биде континуитет на претходниот прерано заминат наш градоначалник Јовица Илиевски. И покрај тоа што има многу кандидати за градоначалник за Општина Брвеница, верувам дека нашиот кандидат е убедливо најдобриот кандидат, кандидат којшто обединува и со кого што заеднички ќе славиме на 18 oктомври“,
вели Ковачки.
На крајот од обраќањето, тој повика на фер кампања, на, како што кажа, достоинствен однос и на фер и демократски избори.
И премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање денеска изјави оти очекува нивниот кандидат да победи на предвремените избори за градоначалник во Брвеница.
Инаку, Радичевски е актуелен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и е магистер по граѓанско право.
Во трката за градоначалник на оваа Општина ќе учествуваат четворица кандидати.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска соопшти дека за градоначалничката функција во Брвеница го кандидира Јовица Радески, кој доаѓа од приватниот сектор, каде долги години работи како ветеринар. Од неговата матична партија истакнаа дека станува збор за човек кој целиот свој досегашен работен стаж несебично им го посветил на луѓето од својот роден крај, опишувајќи го како чесен и вреден кадар кој секојдневно е присутен меѓу граѓаните и е добро познат во секое село и во секој дом низ Брвеница.
Претходно, свој кандидат промовираше и партијата Влен. Оттаму е предложен Јакуп Хусеини, магистер по правни науки и државен службеник во Општина Брвеница.
На овие избори, Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе настапи со кандидатот Аркин Јахији.
Предвремените избори за градоначалник на Брвеница се распишани за 18 октомври годинава откако неодамна почина Јовица Илиевски, кој на последните локални избори го доби вториот мандат да ја води општината.
