„Секако, Обединетото Кралство ќе има што да каже за тоа. Но, мислам дека би било одлична работа. Мислам, како би можело тоа да биде лошо?“, изјави американскиот претседател на заедничката прес-конференција со ирскиот премиер, Михол Мартин
Оваа негова неочекувана и контроверзна изјава, веднаш предизвика реакции од страна на британската влада, како и од лидерите на унионистите во Северна Ирска
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој од денеска е во дводневна посета на Даблин, изјави оти би сакал да види обединета Ирска, додавајќи дека тоа би можело да се случи и сега, пренесуваат светските медиуми.

Оваа негова неочекувана и контроверзна изјава, веднаш предизвика реакции од страна на британската влада, како и од лидерите на унионистите во Северна Ирска.
„Не сакам да предизвикувам проблеми, но ќе ви кажам – би сакал да ја видам обединета. Мислам дека тоа би било голем успех за сите, доколку се случи. Знаете што? Според мене, тоа секако ќе се случи еден ден. Зошто да не се случи и сега“,
изјави Трамп на заедничката прес-конференција со ирскиот премиер (таосех), Михол Мартин во Даблин.
Американскиот претседател додаде дека обединувањето на Северна Ирска со Република Ирска би било, како што кажа, фантастично.
„Секако, Обединетото Кралство ќе има што да каже за тоа. Но, мислам дека би било одлична работа. Мислам, како би можело тоа да биде лошо?“,
кажа тој, пренесе „Гардијан“.
Оваа изјава ги изненади неговите домаќини, а доаѓа две недели откако британскиот премиер Енди Бурнам изјави дека референдум за обедување „не е на маса“, што ги разлути Шин Фејн и другите ирски националисти.
Во друга изјава, дадена подоцна во текот на денот, Трамп рече оти знаел дека неговите коментари за обедување на Северна Ирска и Република Ирска, дадени во одговор на новинарско прашање, ќе бидат оценети како контроверзни, но сепак, како што кажа, смета дека дал добар одговор.
Во реакциите што уследија, портпаролот на Даунинг стрит изјави дека британскиот премиер и понатаму смета дека не постои поддршка за обедување што е потребна за евентуално иницирање референдум, како што предвидува Договорот од „Добриот петок“, со кој беше ставен крај на долгодишните непријателства меѓу унионистите и националистите во Северна Ирска.
Лидерот на Демократската унионистичка партија, Гавин Робинсон, во својата реакција рече дека за уставната иднина на Северна Ирска ќе одлучува нејзиниот народ, а не коментарите од Лондон, Даблин или Вашингтон.
„Северна Ирска е дел од Обединетото Кралство бидејќи тоа е утврдената демократска волја на нејзиниот народ. Уверен сум дека Северна Ирска ќе продолжи да го избира Обединетото Кралство и безбедноста што тоа ја нуди. Како унионисти, не сме заинтересирани за уништување на нашата земја преку приклучување кон Република Ирска“,
рече Робинсон.
Лидерката на Конзервативната партија, Кеми Баденох, исто така, упати критики до Трамп, наведувајќи дека актуелниот американски претседател, како и секогаш зборува непромислено, правејќи споредба со неговите изјави за присвојување на Гренланд и дека Канада треба да биде 51. сојузна држава во рамките на САД.
„Ваквите неодмерени изјави за иднината на демократските земји се крајно некорисни и создаваат непотребни тензии“,
рече Баденох.
Коментарите на Трамп, како што пишуваат дел од медиумите, отстапуваат од ставот на неговите претходници, кои настојуваа Белата куќа да остане неутрална во однос на уставната иднина на Ирска. Но, како што наведува „Гардијан“, спонтаната природа на неговите изјави сепак сугерира дека нема промена во политиката на САД, кога станува збор за ова прашање.
Трамп, чија посета на Ирска е фокусирана на турнирот за голф „Ајриш оупен“ што се одржува во неговото одморалиште во Дунбег, имаше и протоколарна средба со ирската претседателка Кетрин Коноли во нејзината официјална резиденција „Арас ан Ухтараин“, во Даблин. Средбата, како што пренесоа медиумите била кратка и се одржала зад затворени врати.

Инаку, Коноли пред да биде избрана за претседателка на земјата, го нарече Трамп насилник, а потоа имаше и остри критики за неговите политики во однос на Газа и Иран.
Во изјава дадена по средбата, Коноли наведе дека го пренела, како што кажа, „цврстиот став на ирскиот народ дека претставувањето на војната и геноцидот како нешто нормално никогаш не смеат да бидат прифатени“, како и дека ја истакнала важноста на Обединетите нации – светската организација за која Трамп во повеќе наврати говореше со подбив.
Американскиот претседател, пак, по средбата изјави дека со ирската претседателка имале опсежен разговор, во кој меѓу другото разговарале за енергетиката и за водата и дека Коноли била фантастична.
Инаку, посетата на Трамп натера илјадници граѓани на земјата да излезат на улиците на Даблин и да го изразат своето несогласувањето со неговите политики. Демонстрантите маршираа низ центарот на ирскиот главен град и одржаа собир пред парламентот, каде говорниците го обвинија американскиот претседател дека овозможува геноцид во Газа.

„Доналд Трамп, дали слушаш? Не те сакаме овде“,
скандираа присутните на протестот.
