Над 60 лица од Дирекцијата за заштита и спасување и ЈП „Јасен“ создаваат заштитни појаси на терен, додека се очекува најавените врнежи од дожд да помогнат во гаснењето на петте активни пожари низ државата
Пожарот во атарот на селото Белица во општина Македонски Брод сè уште е активен, но нема никаква опасност за населеното место, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, кој воедно рече и дека огнот е далеку од куќите и дека во моментов над 60 лица интензивно работат на терен, дејствувајќи паралелно и од страната на Скопје и од Македонски Брод. Во акцијата за справување со огнената стихија се вклучени тимови на јавното претпријатие „Јасен“ и екипи на ДЗС опремени со теренски возила „пинцгауер“.

Професионалните екипи, поддржани од тимови составени од доброволци, активно дејствуваат со специјални дувалки и физички креираат заштитни противпожарни појаси. Ангелов појасни дека овие превентивни мерки се преземаат на критичните места каде што постои ризик огнот да се прошири и да навлезе во појасите со квалитетна борова шума.
Паралелно, Центарот за управување со кризи соопшти дека до 13 часот на територијата на целата држава се регистрирани вкупно 12 пожари, од кои пет се сè уште активни, пет се ставени под контрола, додека два се целосно изгаснати.
Дополнителен оптимизам за побрзо стабилизирање на состојбата со пожарите низ земјата, според Ангелов, влеваат најавите од Управата за хидрометеоролошки работи за развој на нестабилна воздушна маса во западните делови од државата, која веќе донесе поинтензивни врнежи од дожд во Кичевскиот регион и во северозападните планински предели. Според УХМР, оваа влажна маса се движи од југозапад кон североисток, што се очекува значително да им ја олесни работата на пожарникарите на терен.
