Оттаму обвинија дека изборот на единствената понуда бил направен за еден викенд и дека претседателот на Комисијата е во директен конфликт на интереси
Политичката партија Левица упати остри критики до Владата во врска со организацијата на прославата за јубилејот од независноста, оценувајќи дека обидите на власта да ја оправда постапката само откриваат сериозни недоследности и нелогичности кои не можат да се сокријат.

Во партиската реакција се истакнува дека брзината со која е спроведен изборот на организаторот и сомнителната улога на одредени членови на Комисијата фрлаат огромна магла врз целиот процес. Според нив, крајно нереална е временската рамка во која е донесена одлуката за избор на реализатор оти рокот за доставување понуди завршил во петок, 8 мај напладне, при што пристигнала само една обемна понуда од стотина страници, а веќе во вторник, 12 мај, Владата и продукцијата „Авалон“ јавно ја презентираа програмата со светската ѕвезда Дејвид Гета.
„Постои директна контрадикција во и околу самата Комисија. Во јавниот повик јасно е наведено дека таа ја спроведува постапката, врши евалуација, изготвува извештај со предлог за избор на најповолен понудувач и оценува цел спектар критериуми, квалитет и иновативност на концептот, продукциска вредност, очекуван јавен интерес, техничка и логистичка подготвеност, финансиска оправданост и транспарентност. Денес, пак, нејзиниот претседател Николче Мицевски тврди дека Комисијата практично служела само за да утврди дали документите биле комплетни и навреме доставени“,
велат оттаму.
Дополнително, како што велат, нејасен е и податокот што Мицевски подоцна се јавува како автор на аранжманите за концертот на Хозе Карерас, кој е дел од истата прослав, а наводите на промоторот Бобан Милошески дека со Мицевски преговарале за тој проект цели две години, директно се косат со тврдењата на претседателот на Комисијата дека за време на евалуацијата не знаел за својот иден ангажман. Ова според Левица отвора сериозни сомнежи за судир на интереси, поради што инсистираат редоследот на настаните да биде докажан со документи, вклучително и евентуалната формална изјава за непостоење конфликт на интереси.
„Во постапката пристигнала една понуда, а најповолен понудувач има вистинска смисла само ако јавноста може да види врз што точно е утврдена таа поволност. Затоа бараме да бидат објавени целосниот извештај на Комисијата, записниците од нејзината работа, индивидуалните оценки доколку постојат, образложението за секој критериум, одлуката за избор, датумот на известување на избраниот реализатор и целата временска линија од доставувањето на понудата до официјалната најава на Дејвид Гета. Само така ќе може да се утврди дали навистина имало евалуација или само бирократска патека до веќе подготвен исход“,
заклучуваат оттаму.
