Локално се очекуваат интензивни процеси во форма на невреме со над 15 литри дожд на метар квадратен, додека во следните денови следува стабилизација со повремени врнежи

Времето денеска во целата држава ќе биде променливо облачно и нестабилно, проследено со повремени врнежи од дожд, а според најавите, локално процесите ќе бидат поинтензивни и ќе преминат во невреме со пороен дожд, при што се очекува да наврнат над 15 литри на метар квадратен. Врнежите ќе бидат придружени со грмежи и засилен ветер. Низ земјава ќе дува умерен, додека долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе достигнува брзина до 40 километри на час.
Утринските температури ќе се движат во интервалот од 12 до 19 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 27 до 33 степени.
Слични временски услови се очекуваат и во главниот град. Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а во одредени делови од котлината врнежите ќе бидат во форма на невреме проследено со пороен дожд, силни грмежи и засилен ветер. Минималната температура во главниот град ќе се спушти до 19 степени, додека максималната дневна нема да надмине 26 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека генерално дневната температура ќе биде во опаѓање. Метеоролозите најавуваат дека во текот на вторник и четврток на одредени места повторно ќе се создадат услови за појава на повремени врнежи од дожд.
