Станува збор за лица со иницијали Р.К. и И.С., против кои до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава со која двајцата се товарат за кривично дело убиство
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека е поднесена кривична пријава против две лица за кои постои основано сомневање дека го извршиле убиството на 26-годишниот скопјанец, што се случи во неделата во населбата Дуќанџик.

Станува збор за лица со иницијали Р.К. и И.С., чија возраст не е наведена во соопштението на Министерството.
Кривичната пријава до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена од страна Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при Секторот за внатрешни работи Скопје, а со неа двајцата осомничени се товарат за кривичното дело убиство.
Убиството се случи на 6 септември, околу 23:30 часот, во близина на раскрсницата меѓу улиците „Прохор Пчињски“ и „Војдан Чернодрински“ во Скопје, кога од мотоцикл со две лица било пукано со огнено оружје кон група од неколку луѓе.
Еден од испуканите проектили го погодил 26-годишниот А. М. од Скопје, кој со возило на Итната медицинска помош беше пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што им подлегна на повредите.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски следниот ден, односно на 7 септември во телевизиско гостување, изјави дека полициските екипи интензивно се работи на расчистување на случајот и дека МВР има првични информации за сторителите, од кои едниот, како што кажа министерот, бил на издржување казна затвор.
Тој нагласи дека се обезбедени соодветни докази и оти се надева дека најбрзо што може ќе се обезбедат сторителите и ќе бидат предмет на кривичен прогон.
Во однос на мотивите за пукањето, Тошковски рече оти не би сакал да споделува информации во оваа фаза од истрагата, но кажа дека првичните информации говорат дека не станува збор за организирана криминална група која се пресметува за превласт на теренот, туку за некои други причини.
