Активни се огнените стихии во Општина Македонски Брод, кај селото Белица и месноста Кајорец, каде што гори нискостеблеста и мешана шума и во Општина Чучер-Сандево, кај селото Брест и месноста Рамно, каде што е зафатена мешана шума
Во изминатото деноноќие, а заклучно со 7:30 часот утрово, на територијата на државата се регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, според податоците, два сè уште се активни, четири се под контрола, а 25 се изгаснати.

Активни се огнените стихии во Општина Македонски Брод, кај селото Белица и месноста Кајорец, каде што гори нискостеблеста и мешана шума и во Општина Чучер-Сандево, кај селото Брест и месноста Рамно, каде што е зафатена мешана шума.
Под контрола се пожарите кај село Бенче во Општина Македонски Брод, кај кичевското село Тајмиште, на градската депонија во Делчево и кај село Копаница во скопската Општина Сарај.
Од изгаснатите пожари, три биле на територијата на Општина Струга, по два имало во скопската Општина Карпош и во општините Кривогаштани, Шуто Оризари, Ново Село и старо Нагоричане, а три пожари биле регистрирани и во Кичевско. Противпожарните екипи успеале да ги изгаснат и пожарите што избувнале на териториите на општините Куманово, Гази Баба, Струмица, Желино, Ѓорче Петров и Радовиш. На овие места претежно гореле ниска вегетација, ѓубре, депонии, трње, а на дел од локациите со оган била зафатена и нискостеблеста шума.
