Во реакција на соопштение на СДСМ во врска со имотната состојба на премиерот, од владејачката партија ги обвинуваат Зоран Заев и Венко Филипче дека на криминален начин стигнале до станови и зграда во Дубаи, златна виза, милионска јахта во луксузното место Паљури во Егејското Море, акции во индиска авиокомпанија и фирми во соседна Бугарија
По критиките и обвинувањата од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија упатени кон премиерот Христијан Мицкоски дека носи часовник од 60 000 евра и скапи костуми, а во контекст на препукувањата околу неговата реторика и употребата на терминот „талог“ кон политичките неистомисленици, од неговата партија возвратија со контраобвинувања кон актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, и поранешниот претседател на партијата Зоран Заев.

Бранејќи го својот лидер, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ никако не може да се сфати дека и во Македонија може да се заработи на чесен начин, а сето тоа да биде јавно и транспаретно видливо за јавноста.
„Таков е примерот со претседателот Мицкоски кој јавно има стотици пати говорено за тоа како заработил во својот живот. За неговиот начин на работа ниту еден човек нема никогаш кажано дека тоа е на нечесен начин, дека заработката е преку трети лица, фирми во странство или, пак, местејќи тендери. Напротив, можеме да слушнеме само пофални зборови за универзитетски професор, кој самите студенти го имаат признаено како најдобар професор на својот факултет“,
се вели во реакцијата од владејачката партија.
Од друга страна, посочуваат оттаму, истото не може да го кажат за Зоран Заев и Венко Филипче, кои, според владејачката партија, ја испокрале и оцрниле државата.
Во контекст на овие остри обвинувања, од владејачката партија се осврнуваат на примањата на актуелниот и поранешниот претседател на СДСМ, велејќи дека освен примањата кои ги добиваат или ги добивале како пратеници, министри или градоначалници, тие други примања немаат, ниту, пак, имале. Оттука, според ВМРО-ДПМНЕ, директно се поставува прашањето, како Заев, кого го нарекуваат аболициран криминалец и Филипче, за кого велат дека е негов ученик, стигнале до станови и зграда во Дубаи, златна виза, милионска јахта во луксузното место Паљури во Егејското Море, акции во индиска авиокомпанија и фирми во соседна Бугарија.
„Местеа тендери, земаа провизии, отпишуваа резерви од државата, ја задолжуваа државата за своите џебови да ги наполнат. Ете од каде им се парите на овие криминалце. Коцевски, Абази, Русковска, Кацарска се само неколкуте нивни инфилтрирани поединци во правосудството кои ги бранат се додека можат“,
тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот од реакцијата, од владејчката партија се осврнуваат на прашањето што, меѓу другите, го поставуваат и од СДСМ, а се однесува на трошоците за прославата на 35 години од незавиноста.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера одговорајќи на новинарско прашање изјави дека за настаните по повод Денот на незавиноста биле потрошени нула денари од државниот буџет, тврдење што од СДСМ го оценија како уште една негова лага.
„Знаеме дека на овој талог им пречи што забавата на Дејвид Гета чинела нула денари. Но не им пречи приватна забава во Дубаи на Харис Џиновиќ, која чинела стотици илјади долари“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, од СДСМ и денеска упатија остри критики до премиерот Мицкоски, обвинувајќи го дека за него е „талог“ секој што е за Европа, демократија, слобода на говор и подобар животен стандард и дека во 21. век власта се користи со, како што велат, фашистички методи од времето на Ванчо Михајлов и копирање на политиките на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Нарекувајќи ги своите политички противници тендер-патриоти што сакаат луксуз и богатење со народни пари, од СДСМ порачаа дека на, како што велат, елитата со часовници од 60 000 евра, скапи костуми и апетити за авиони, местото ѝ е да одговара пред народот и пред правдата.
