Според ЦУК, активни пожари има во Општина Струга меѓу селата Буринец, Локов, Селце и Елевци, во Општина Македонски Брод кај селото Белица и кај местото викано Рамно кај селото Брест во Општина Чучер-Сандево

Изминатото деноноќие се регистрирани 31 пожар на отворен простор, покажуваат последните информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК) до 7:30 часот утринава. Од нив, три се сè уште активни, четири се ставени под контрола, додека останатите се целосно изгаснати.
Според ЦУК, активен пожар има во Општина Струга меѓу селата Буринец, Локов, Селце и Елевци, каде гори нискостеблеста шума. Во Општина Македонски Брод сѐ уште гори нискостеблеста и мешана шума кај селото Белица, а активен е и пожарот кај местото викано Рамно кај селото Брест во Општина Чучер-Сандево, каде е запалена мешана шума.
Надлежните служби успеале да ги стават под контрола пожарите кај селото Бенче во Општина Македонски Брод, селото Тајмиште во Општина Кичево, селото Грачани кај Општина Ѓорче Петров, како и пожарот во Делчево каде што е зафатена градската депонија.
Изгаснатите пожари се во повеќе делови од земјата, каде гореле ниска вегетација, грмушки, стрништа, ѓубре, а биле зафатени и делови со шума.
