Според невладината, повлекувањето на Сеопфатното сексуално образование како изборен предмет во средното образование значи повлекување на една од ретките системски алатки кои може да им помогне на младите да препознаат ризик, да постават граници, да кажат „не“, да побараат помош и да се заштитат
Ако има нешто од што треба да се плашиме, тоа не е Сеопфатното сексуално образование (ССО), туку сè почестите случаи на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата така и во јавните простори, се вели во дел од реакцијата на невладината ХЕРА по денешната изјава на министерката за образование и наука Весна Јаневска дека МОН го повлекува овој предмет од средното образование.

Имено, Јаневска изјави дека изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование се повлекува по реакциите во јавноста во врска со неговото воведување и оти програмата ќе оди на, како што кажа, длабока ревизија.
Од ХЕРА велат дека со загриженост ја примиле оваа информација бидејќи, според нив, податоците за насилството, дискриминацијата и здравјето кај младите се алармантни. Поради тоа, оттаму бараат образовните програми да одговорат на секојдневните потребите на младите и грижите со кои се соочуваат нивните родители.
Аргументирајќи го својот став, од невладината во реакцијата наведуваат конкретни проценти и бројки во однос на тоа колку деца биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба.
„Треба да нè загрижи што дури 10 отсто од децата на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија, односно речиси 12 000 деца, биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од само една година. Податоците покажуваат дека 8 отсто од децата биле изложени на сексуални слики, 5 отсто добиле несакани барања за интимни фотографии или видеа, 4 отсто биле уценувани дека нивни содржини ќе бидат распространети, а кај 3 отсто такви содржини веќе биле споделени без нивна дозвола. Дополнително, во 78 отсто од случаите сторителот е лице што детето го познава, а 52 отсто од случаите на сексуална експлоатација се случуваат преку социјалните мрежи како Инстаграм, Снепчет, Тик-ток и Ватсап“,
се вели во соопштението од невладината.
Во ваква реалност, додаваат од ХЕРА, поразително е што само 19 отсто од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование.
Дополнително, велат од невладината, податоците за сексуалното и репродуктивното здравје покажуваат дека само во 2024 година 588 деца биле родени од мајки на возраст од 15 до 19 години, а во само еден месец биле регистрирани и 11 нови случаи на ХИВ.
Според невладината, повлекувањето на Сеопфатното сексуално образование, како изборен предмет во средното образование, значи повлекување на една од ретките системски алатки што може да им помогне на младите да препознаат ризик, да постават граници, да кажат „не“, да побараат помош и да се заштитат.
„Денешната одлука отвора едноставно прашање: ако доказите покажуваат дека децата се изложени на насилство, злоупотреба, уцени и дезинформации, зошто би ја повлекле токму алатката што треба да им помогне да се заштитат? Повлекувањето на ССО нема да ги тргне ризиците, социјалните мрежи, насилниците, раните бремености, ХИВ или злоупотребата. Ќе го тргне само знаењето, правејќи ги младите уште поранливи. Очекуваме науката и доказите да бидат основа за секоја следна одлука, бидејќи образовната политика не смее да се води од страв, притисок и дезинформации. На децата не им треба помалку образование, туку повеќе знаење, повеќе превенција и повеќе заштита“,
велат од ХЕРА.
Оттаму посочуваат дека ССО не е закана за децата, туку системски одговор на заканите со кои тие се сочуваат.
„ССО ги учи младите што е согласност, како се поставуваат лични граници, како се препознава злоупотреба, како се гради здрав однос, како се штити сопственото тело и каде се бара помош. Тоа е превенција, знаење и заштита, поради што и меѓународното истражување Disrupting Harm (спроведено од UNICEF, INTERPOL и ECPAT International) препорачува интегрирање на образование соодветно на возраста за односите, границите и согласноста во училишните програми“,
порачуваат од невладината организација.
