Северна Македонија игра важна улога во зајакнувањето на безбедноста и стабилноста низ целиот регион преку нејзината посветеност на нашата заедничка одбрана и соработка во борбата против тероризмот и напорите за сајбер безбедност“, пишува американскиот државен секретар

Ви посакуваме среќен Ден на независноста и континуиран мир, безбедност и просперитет во годините што доаѓаат. Ова е пораката што американскиот државен секретар Марко Рубио ја упатува во честитката по повод 8 Септември – Денот на независноста на земјава, а која е објавена на веб-страницата на Стејт департментот.
Во честитката, Рубио вели дека Соединетите Американски Држави се горди што стојат покрај Северна Македонија како доверлив сојузник и партнер.
„Северна Македонија игра важна улога во зајакнувањето на безбедноста и стабилноста низ целиот регион преку нејзината посветеност на нашата заедничка одбрана и соработка во борбата против тероризмот и напорите за сајбер безбедност“,
пишува Рубио.
Тој го поздравува континуираниот раст на економското партнерство, вклучително и преку овогодинешниот Стратешки дијалог во Вашингтон. Вели дека двете држави заедно ги унапредуваат можностите во енергетиката, инфраструктурата, технологијата и другите сектори за зајакнување на просперитетот.
„Во име на американскиот народ, им упатувам најтопли честитки на народот на Северна Македонија, додека славите 35 години независност“,
додава Рубио.
Претходно денеска, вршителката на должност амбасадорка на Соединетите Американски Држави (САД) во земјава, Никол Варнс, беше дел од дипломатскиот кор што присуствуваше на положувањето цвеќе на на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста.
