Побара министерката Јаневска да одговори зошто децата со попреченост се оставени без образовни асистенти бидејќи, како што рече, училиштата ги доставиле барањата за образовна асистенција за првачињата уште на крајот на јуни, по завршувањето на уписите
Околу 250 деца со попреченост, од кои најмногу првачиња, останаа без поддршка од образовни асистенти што им се потребни во текот на училишниот ден, соопштија денеска од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ).

На денешната прес-конференција, Јованче Манасков од Комисијата за образование на СДСМ рече дека трета година по ред министерката за образование и наука Весна Јаневска дозволува учебната година да почне без навремено обезбедена образовна поддршка за децата со попреченост.
Посочи дека образовниот асистент е неопходна поддршка за децата со попреченост, кој им овозможува да ја следат наставата, да учествуваат во учиишниот процес и да ги остваруваат своите права рамноправно со другите.
„Ова е само уште еден доказ за неспособноста на оваа власт да се грижи и да вложува во она што е најважно за иднината на една држава – образованието. И ова не е првпат. За овие деца и нивните родители, првиот училишен ден не беше ден на радост, туку ден на страв, разочарување и неизвесност. Кога ја немаат поддршката од образовниот аисситент, последиците директно ги чувствуваат децата и нивните семејства“,
вели Манасков.
Побара министерката Јаневска да одговори зошто децата со попреченост се оставени без образовни асистенти бидејќи, како што рече, училиштата ги доставиле барањата за образовна асистенција за првачињата уште на крајот на јуни, по завршувањето на уписите.
„Што направи Министерството за образование со тие барања? Ако постапката за вработување трае 20 дена, тогаш е јасно дека и со започнување на постапката сега, дел од овие деца би добиле образовен асистент дури по 20 септември. Што да прават овие деца дотогаш? Да не одат на училиште? Да чекаат власта да заврши со своите административни процедури?“,
праша тој.
Обраќајќи ѝ се на Јаневска, ѝ порача дека овие деца не се само бројка во табела, туку имаат право на образование и еднакви можности, и право на поддршка согласно нивните индивидуални потреби.
„Инклузијата не смее да биде само збор во стратегии и документи. Таа мора да биде реалност во секоја училница. Денес реалноста е дека деца со попреченост се оставаат без поддршка уште на првиот ден од учебната година“,
додаде Манасков.
Од СДСМ бараат итно решение на овој проблем, додавајќи дека ниту едно дете со попреченост не смее да остане без потребната образовна поддршка.
