Николоски најави збогатување на железничкиот сообраќај со уште две линии со кои повеќе приградски населби ќе бидат поврзани со новата железничка станица во Скопје

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ „Сител“ рече дека градскиот воз во Скопје за само три дена од стартот превезе околу 1 500 патници, а првичните анализи покажуваат дека интересот кај граѓаните е добар и се очекува бројката значително да расте.
Николоски најави збогатување на железничкиот сообраќај со уште две линии со кои повеќе приградски населби ќе бидат поврзани со новата железничка станица во Скопје.
„Првичните анализи се добри, за три дена имаше некаде околу 1 500 патници. Јас очекувам дека таа бројка ќе расте, дека за многу брзо време ќе надминеме и 100 000 патници. Нашата проценка е дека околу 200 000 жители се опфатени со правата линија од градскиот воз“,
рече Николоски.
Првата нова планирана траса треба да се движи од новата железничка станица преку населбите Автокоманда, Маџари, Ченто и Илинден до Агино Село. Втората би го поврзувала северозападниот дел од градот, односно новата железничка станица преку населбите Бутел, Скопје Север, Волково и Ѓорче Петров до Сарај.
„Со градскиот воз граѓаните ќе можат да ја избегнат градската гужва и преку точни временски интервали на пристигнување да го планираат своето време“,
посочи Николоски.
