Двајцата штипјани, кои во јануари претепаа 21-годишна девојка, се пуштени на слобода. Тие беа осудени на 2,5 години затвор и се наоѓаа во притвор до правосилноста на пресудата, но бидејќи Апелацискиот суд ја потврдил пресудата, таа станала правосилна со што завршила мерката притвор и тие се пуштени на слободата. Информацијата прва ја објави ТВ Алфа.
Ваквиот развој на настаните следува бидејќи поради коронакризата Владата во април донесе уредба со која до 1 септември се одложува извршувањето на упатните акти за лица со казна затвор до три години.
„Се одлага извршувањето на упатните акти за извршување на казната затвор на лица осудени на казна затвор до три години, и тоа до 1 септември 2020 година, освен за предметите каде што постои опасност за застарување на казната. Исто така, до 1 септември 2020 година се одлага извршувањето на упатните акти кои се веќе доставени до казнено-поправните установи, освен за упатните акти за кои се веќе издадени меѓународни потерници“,
соопштија од Владата на 8 април 2020.
Случајот со бруталното претепување на девојката ја разбранува јавноста откако на почетокот на април на социјалните мрежи се појави видео од насилниот чин што се случил во јануари, кој двајцата напаѓачи го снимале со мобилен. Тие веднаш беа идентификувани и приведени, а на суд признаа вина.