По две и пол години затворска казна добија двајцата насилници, кои во јануари малтретираа и тепаа 21-годишна девојка. Насилството го снимаа на мобилен, а беше објавено на 2 април, пренесува МИА.
Пресудата денеска беше објавена во штипскиот Основен суд, на објавата присуствуваше жртвата, но не присуствуваа насилниците, ниту нивниот бранител.
Поради посебните мерки, пресудата се читаше со минимално присуство на роднини и новинари. Судијата образложи дека како олеснителна околност за сторителите е земено признавањето вина, изразувањето каење, како и дека досега не се сторителите на кривично дело.
Бранителката на жртвата, Билјана Андонова, се надева дека изречената казна ќе влијае на обвинителите и дека ќе сфатат што сториле, ќе се покаат, но и ќе се подобрат како личности.
„За оштетената не можам да кажам дали ќе биде задоволно или не. Затоа што ниту една казна не може да и го надомести сето тоа што го имаше претрпено, коешто цела јавност го виде преку видеото. Искрено се надевам дека со оваа пресуда ќе се прати јасна порака и апел до цела јавност, за нулта толеранција на ваков вид насилство. Се работи за насилство, родово базирано, кое е базирано кон девојка, млада девојка. Сметам дека казната ќе има пред сѐ генерална превенција за целата јавност“,
рече Андонова.
Таа истакна дека со жртвата изминатиот период работеше мултисекторскиот тим на невладината „ЕХО“.
Адвокатот на 23 и 26-годишните сторители на насилството Валентин Зафиров оцени дека казната е висока, а дали ќе ја обжалат на повисокиот суд ќе треба да ја види на писмено, но и да се консултира со двајцата клиенти.
Обвинителството информира дека откако ќе ја добијат пресудата во писмена форма ќе одлучат кои чекори ќе ги преземат понатаму за овој случај. Согласно Кривичниот законик, за сторено кривично дело насилство казната затвор е од шест месеци до пет години. Судијата денеска на сторителите им ја продолжи мерката притвор, кои се во Истражниот затвор во Куманово.