На пожарот попладнево дејствуваат и „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување, кои во низок лет исфрлаат големи количества вода на местата зафатени од огнот
Пожарот, според директорот на ДЗС, Ангелов, се движи и кон атарот на селото Никиштане, односно од косовска страна оди во насока длабоко на територијата на државава, но тврди дека селата се заштитени и одбранети бидејќи има доволно сили на терен
Пламените јазици денеска попладне му се закануваат на селото Грачани во близина на границата со Косово, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Но, како што додава, на огнената линија се наоѓаат скопските пожарникари со тимовите на ДЗС, кои, според него, водат жестока борба „лице в лице“ со огнот за одбрана на куќите.

Дополнителни проблеми на теренот, вели Ангелов, предизвикал ветерот кој го свртел огнот кон селото и покрај тоа што неколку линии на Грачани претходно биле обезбедени од пламените јазици.
„Огнот најде место каде може да ги загрози куќите, но очекувам пожарникарите да не го дозволат тоа“,
вели Ангелов.
Утрово на пожарот кај Грачани дејствуваа еден армиски и еден полициски хеликоптер, а попладнево во гаснењето се вклучени „ертракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Споделувајќи видео од дејствувањето на „ертракторите“, Ангелов објаснува дека тие исфрлаат води во низок лет, што е опасно по самите летала, но ефикасно за справување со ситуацијата. На снимката се гледа како еден од авионите исфрла три тони вода на место зафатено од огнот.
Според директоро на ДЗС, за жал, станува збор за голема огнена линија, која, според неговите проценки, е долга можеби повеќе од 10 километри.
Инаку, пожарот пред неколку дена навлезе од косовска страна на територијата на Македонија и во моментов се гаси од двете страни на границата.
Чадот од овој пожар може да се почувствува и во Скопје, особено ако дува северен или северозападен ветер, а прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи дека токму ветер од овој правец попладнево ќе дува во земјава.
Пожарот, како што додава Ангелов, се движи и кон атарот на селото Никиштане, односно од косовска страна оди во насока длабоко на територијата на државава.
„Но, одговорно тврдам дека селата се заштитени, имаме доволно сили, селата ќе бидат одбранети“,
вели Ангелов.
Според него, во овој момент горат претежно нискостеблести растенија, грмушки, трње и смреки. Смреките, како што објасни тој, горат со силен пламен и даваат силна топлина.
„Многу малку останува од нив, имаат висока масленост, поради што и огнот е силен. Тие ги разгоруваат околните нискостеблести растенија. Едноставно сè се пали“,
посочува директорот на ДЗС.

Тој повторно упати апел до граѓаните да бидат внимателни бидејќи, како што вели, сезоната на пожари не е завршена.
„Вчера имавме повеќе од 30 пожари на отворен простор, денеска бројката исто така е загрижувачка. Бидете внимателни, сезоната на пожари не е завршена. Глобалното затоплување го прави своето, сезоната на пожари навлегува длабоко во септември и не очекува жежок месец, полн со пожари“,
изјави тој.
И покрај надежите дека ќе заврне дожд, во прогнозата на УХМР не се најавуваат врнежи за денеска, поради што додава Ангелов, сите ресурси се впрегранти во борба со овој голем пожар.
