Првиот пожар е оној кај Грачани и Никиштане во Општина Ѓорче Петров, а вториот е меѓу Струга и Дебар. Ангелов вели и дека повторно се запалени пожарите на Китка и Жеден

И покрај врнежите од дожд кои зафатија поголем дел од земјата, бројот на пожари на отворен простор не се намалува, а во текот на вчерашниот ден се регистрирани најмалку 31 пожар. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, во видеоизјава вели дека е регистрирано намерно подметнување нови пожари и апелира за зголемена будност кај граѓаните.
Тој вели дека во моментов два големи пожари се издвојуваат како најкомплексни за гаснење.
Првиот пожар е оној кај Грачани и Никиштане во Општина Ѓорче Петров. Огнот, кој пред три дена навлезе од косовска страна, сѐ уште е активен. Од рано утрово скопските пожарникари и тимовите на ДЗС дејствуваат на терен, поддржани од воздух со еден армиски, еден полициски хеликоптер и два „ертрактори“.
„Во овој момент слободно можам да кажам дека двете села, Грачани и Никиштане, не се загрозени од пожарот, иако кај населението постои одредена загриженост. Очекувам до доцна вечерва овој пожар да биде ставен под делумна контрола“,
вели Ангелов.
Втор голем пожар е оној меѓу Струга и Дебар. Ангелов вели дека е зафатена голема површина со мешовита шума на тешко пристапен терен. Струшките пожарникари се на терен, а во попладневните часови е предвидено дејствување со „ертракторите“ на ДЗС.
Ангелов нагласи дека повторно намерно се запалени пожарите на Китка и на Жеден. На Китка еден од пожарите е во Општина Студеничани, а другиот во Општина Зелениково.
„Минатите денови мака мачевме гаснејќи го големиот пожар кој се одвиваше на Жеден, но некој упорно и упорно повторно подметнува нови пожари од сите страни на планината и од скопска и од тетовска страна“,
додава Ангелов.
Тој упати апел до граѓаните да бидат исклучително внимателни и доколку забележат сомнително однесување, веднаш да пријават на 112, во најблиската полициска станица или на кој било полицаец или пожарникар.
