Тој истакна дека опозиционерите со ваквите тези покажуваат непознавање на темата

Премиерот Христијан Мицкоски ги оцени како небулозни и неосновани последните тези на пратениците од СДСМ во врска со состојбата со јавниот долг и најавените нови задолжувања.
За време на денешната посета на Општина Карпош, тој истакна дека опозиционерите со ваквите тези покажуваат непознавање на темата.
„Но, во ред, јас ги разбирам, сепак тоа не е фабрика за јужно овошје или компанија за јужно овошје, па да тргуваат со стари вакцини или, пак, да горат модуларни болници. Тука се експерти. Но, кога станува збор за економијата, освен арамилук и лоповлук, друго не им е во нивната политичка матрица“,
рече Мицкоски во одговорот на новинарско прашање.
Тој додаде дека првата теза на пратениците е зошто не биле запишани оние заеми што Јавното претпријатие за државни патишта ги зема.
Појасни дека заемите на ЈПДП не влегуваат во јавниот долг и оти се рамковни, односно во зависност од тоа како се напредува на терен и како се завршуваат активностите така се испорачуваат фактури и така се повлекуваат заеми и се плаќаат.
Што се однесува за втората теза на пратениците од опозицијата, зошто одлуката на Владата од 31 август за задолжување на меѓународен пазар не била во ребалансот на буџетот, Мицкоски нагласи дека таа се однесува на издавање еврообврзница за следната година. Целта, како што рече, е да се обезбедат средства за редовно враќање на претходните обврзници земени од минатата власт за време на ковид-кризата.
„За да може да ја вратиме обврзницата којашто тие ја земаа во корона-кризата, за да можат да горат модуларни болници, за да можат да набавуваат бајати вакцини, а притоа граѓаните да бидат на дното според превенцијата, а на врвот по број на жртви за време на корона-кризата. Ете таа опозиција денес ја имаме во Македонија. Значи, бандитска опозиција која продолжува да биде континуитет на бандитската власт во периодот кога СДСМ и ДУИ беа власт во Македонија“,
кажа Мицкоски.
Инаку, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) обвинува дека премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги манипулираат податоците за јавниот долг за да го сокријат реалното задолжување на државата.
Од СДСМ велат дека според објавените податоци на Министерството за финансии, во јавниот долг, заклучно со јуни 2026 година, не е вкалкулиран новиот долг од 350 милиони евра на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Од партијата наведуваат дека со ова се прекршува Законот за јавен долг, каде што е наведено дека гарантираниот долг на јавните претпријатија влегува во вкупната сума.
