Од ФЗО додаваат дека, покрај поголемиот број обиди, воведена е и електронска достава на известувањето за одобрено право, рокот за приговор е продолжен од 8 на 15 дена, а укината е и потребата од дополнителен упат од матичен гинеколог

Во периодот од 7 август 2025 до 20 август 2026 година, од вкупно 1 883 разгледани барања за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО), дури 237 се однесуваат на четврти, петти или шести обид, информираат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Проширувањето на правото до шест обиди на товар на Фондот, коешто претходно не постоело, како што посочуваат, не останало само законска можност, туку право кое осигурениците реално го користат.
„Од 237 поднесени барања, 216 барања се за четврти обид, 17 барања се за петти обид и 4 барања се за шести обид. Зад секоја од овие бројки стои семејство кое добило уште една можност да продолжи таму каде што претходно системската поддршка завршувала“,
се вели во соопштението од Фондот.
Од ФЗО додаваат дека, покрај поголемиот број обиди, воведена е и електронска достава на известувањето за одобрено право, рокот за приговор е продолжен од 8 на 15 дена, а укината е и потребата од дополнителен упат од матичен гинеколог.
За БПО постапките извршени во осум приватни и јавни здравствени установи со кои Фондот има договор, во 2025 година се реализирани над 97,3 милиони денари.
„Здравствениот систем не може сам да ги промени демографските текови, но може да обезбеди повеќе можности и финансиската пречка да не биде причината поради која едно семејство ќе мора прерано да се откаже од обидот за потомство. Не станува збор само за измена на еден член од закон или за дополнителен ваучер. Станува збор за уште една шанса надежта да стане живот“,
додаваат од ФЗО.
