„Можеме да сметаме дека Европа кон Македонија е неправедна. И навистина е, многу пати била. Но, одговорноста на политичарите е да најдат решенија, а не да се смета за успех да се стои во место со децении. Државата не се води со болна суета, со лажен патриотизам, со удирање во гради. Се води со резултати и саможртви со носење непопуларни одлуки, но историски оправдани. Само идните непристрасни генерации можат правилно да оценат колкава е цената на прифатените компромиси, а колкава е загубата од бескомпромисноста и изгубените децении на побрз сестран развој“, порача лидерот на СДСМ на свеченоста на која неговата партија ја одбележа годишнината од независноста
Првиот претседател Киро Глигоров има историски заслуги за тоа што државата ја стекна својата независност по мирен пат, без војна, жртви и разорувања. Уште оттогаш тој ја претстави Европа како национална цел. Ова вечерва го порача лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, на свечениот настан „Македонија е сè што имаме“, по повод 35 години независност на државата во организација на неговата партија.

На настанот премиерно е прикажан документарниот филм „Глигоров од Македонија“, дело на Никола Т. Калајџиски и Аристид Филактов, посветен на првиот претседател на независна Македонија.
„Уште на почетокот на 90-те години кога Југославија сè уште формално постоеше, а Глигоров веќе беше пензионер, европската ориентација е јасно формулирана во неговите размислувања и јавни настапи. Подоцна ја повторуваше како еден вид политички аманет. Европа за него беше природната политичка, економска, географска и цивилизациска средина на Македонија. Истовремено предупредуваше дека членството бара работа, знаење, учење и реформи“,
рече тој.
Историската улога на Глигоров недоволно вреднувана во татковината
Според лидерот на СДСМ, историската улога на Глигоров, особено во најтешките периоди на Балканот, сè уште не е доволно вреднувана во неговата татковина.
„Што направиме со државата што ја добивме пред 35 години по мирен пат, без жртви и без разорувања, за што историски заслуги има нашиот претседател Киро Глигоров. Долго време Киро Глигоров беше човекот кому дел од Македонија не сакаше да му ги признае заслугите, а историјата сè појасно му ги признава. Ние денес не го браниме претседателот Глигоров. Неговите заслуги се толку големи што тој и покоен самиот се брани со своите дела“,
кажа лидерот на СДСМ.
Според него, Глигоров припаѓаше на генерација македонски државотворци кои учествуваа во создавањето на темелите на современата македонска државност, а потоа ја предводел земјата во процесот на осамостојување.
„Во една личност се споија две македонски епохи. Генерацијата што ја создаваше македонската државност во рамките на федерацијата и генерацијата што требаше да ја изведе Македонија од федерацијата и да ја внесе во светот како самостојна држава“,
вели Филипче.

Без откажување од националните интереси
Токму на таков трезвен начин, посочи дека треба да се зборува за европската иднина на државата, без самосожалување, но и без откажување од националните интереси и достоинството.
Во тој контекст, Филипче потсети и на политиката на дистанца кон соседите која ја застапуваше Глигоров, посочувајќи дека нејзината суштина е во градењето подеднакво добри односи со сите соседи.
„Неговата прочуена политика на еквидистанца кон соседите често беше погрешно толкувана како држење на сите на еднакво растојание. Но, смислата на еквидистанцата беше поинаква. Таа значеше подеднакво добри односи со сите соседи. Тоа е мудроста на една мала држава сместена во чувствителен регион. Ниту кавги со соседите. Ниту барање покровители. Ниту производство на непријатели за домашна политичка употреба. Пристојни и пријателски односи со сите. Достоинство пред сите. Зависност од никого“,
посочи тој.
Во обраќањето Филипче нагласи дека и Европската Унија неодамна повторно ја потврди перспективата за членство на Западен Балкан, но и дека за Македонија останува јасно поставен следниот чекор во европските интеграции.
Без оглед на тоа дали политичарите се согласуваат со реалноста или ја сметаат за неправедна, Филипче смета дека нивната задача е да носат одлуки и да наоѓаат решенија за иднината на државата.
„Може да не ни се допаѓа таа реалност. Може да бидеме лути поради неа. Можеме да сметаме дека Европа кон Македонија е неправедна. И навистина е, многу пати била. Но, одговорноста на политичарите е да најдат решенија, а не да се смета за успех да се стои во место со децении. Државата не се води со болна суета, со лажен патриотизам, со удирање во гради. Се води со резултати и саможртви со носење на непопуларни одлуки, но историски оправдани. Само идните непристрасни генерации можат правилно да оценат колкава е цената на прифатените компромиси, а колкава е загубата од бескомпромисноста и изгубените децении на побрз сестран развој“,
вели Филипче.
Европските интеграции се најголем државен интерес
Потенцира дека патриотската реторика не може да биде замена за резултати и напредок, нагласувајќи дека граѓаните на крајот гледаат кој ја движи државата напред, а кој ја држи во место.
Според него, европските интеграции не се ниту партиско ниту лично прашање, туку најголем државен интерес, за кој се потребни конкретни одлуки и работа.
„Европските интеграции не му припаѓаат на СДСМ. Не му припаѓаат на ВМРО-ДПМНЕ. Не му припаѓаат на ниеден претседател, премиер или министер. Тоа е најголем државен интерес. Не е доволно тоа само реторички да се нагласува, а ништо да не се прави да се стаса до целта“,
додаде тој.
Упати критика до политиките поради кои има поделби и лажен патриотизам наместо резултати, нагласувајќи дека државата има потреба од одговорна политика и храброст за носење одлуки.
„Без нови изгубени децении. Без производство на предавници за секој тежок компромис. Без лажен патриотизам кој е најгласен пред камерите, а немоќен и кукавички кога треба да се донесе резултат. Македонија заслужува повеќе. Заслужува политика што ја разбира државата како одговорност, а не како плен. Заслужува власт која мери што ќе остави зад себе, а не колку долго ќе трае“,
кажа Филипче.
