Завршен е рокот за иселување на жителите на кои им е целосно исплатена експропријацијата, со што се отстранети пречките за почеток на активностите
Од утре почнува уривањето на објектите и пробивањето на трасата кај мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој е продолжение на булеварот АСНОМ и ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба, информира вечерва во телевизиско гостување скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Посочи дека е завршен рокот за иселување на жителите на кои им е целосно исплатена експропријацијата, со што се отстранети пречките за почеток на активностите.
Како што вели, лично застанал зад овие граѓани и не дозволил ниту еден од нив сам да се справува со проблемот.
„Практиката од минатото, граѓаните да бидат оставени без одговор и со години да чекаат исплата е завршена. Надоместокот за експропријација е исплатен веднаш, а Градот им помогна на жителите во процесот на иселување“,
вели тој.
Бидејќи е изграден без соодветно сообраќајно поврзување, додаде дека овој мост со години во јавноста е познат како мост што не води никаде или како мост за ловење риба.
„Со пробивање на трасата ќе се создадат услови мостот конечно да биде целосно ставен во функција“,
рече Ѓорѓиевски.
Иако реализацијата на проектот е најавена во рок од четири години, вели дека процесот е завршен многу порано.
„Доказ дека кога се работи одговорно и посветено, резултатите не чекаат“,
додаде скопскиот градоначалник.
За потсетување, изградбата на мостот „Генерал Михајло Апостолски“ започна во 2020 година, кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, во рамките на проектот за продолжување и проширување на булеварот АСНОМ и поврзување на општините Аеродром, Гази Баба и Центар.
Мостната конструкција беше завршена во наредните години, но неговото пуштање во употреба беше одложено поради нерешени имотноправни прашања и експропријација на објекти на трасата.
