Полициски хеликоптер дејствуваше од воздух во регионот на Хани и Елезит давајќи им поддршка на екипите што се борат со огнот
По барање на Косово, Македонија првпат испрати полициски хеликоптер за гаснење пожар надвор од земјата, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али.

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска гаснеше пожар во регионот на градот Хани и Елезит, во близина на граничниот премин со Косово.
„По приемот на барањето, како директор на ЦУК, бев во директна координација со сите надлежни институции, заедно со раководителот на Главниот штаб, Стојанче Ангелов, со цел навремено активирање на нашите капацитети и обезбедување помош за справување со големиот пожар што ја зафати соседната држава“,
вели директорот на ЦУК.
Полициски хеликоптер интервенираше од воздух во регионот на Хани и Елезит давајќи им поддршка на екипите што се борат со огнот.
„Ова не е само интервенција за гаснење пожар, туку историски момент и потврда на нашата подготвеност да им помогнеме на нашите соседи, но и пошироко, секогаш кога тоа е најпотребно“,
кажа тој.

